Вчера вечер околу 23 часот, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, во однапред поставена заседа на локалниот пат што ги поврзува гостиварските села Ломница и Неготино, во близина на Кисела Вода, пресретнале две непознати лица. При обидот да ги запрат и легитимираат, двете лица, најверојатно од Република Албанија, дале активен отпор и успеале да избегаат кон блиската шума, а едното од нив го фрлило ранецот што го носело на грбот.
Во ранецот имало три помали најлонски вреќи, во кои се наоѓале околу шест и пол килограми непозната зелена тревлива материја, најверојатно марихуана.
Нешто подоцна, во увидот извршен по овластување на јавен обвинител, пронајдени се и две црни јакни, две кутии цигари, едно пакување со тутун, запалка и четири таблети.
Сето пронајдено на местото е фотодокументирано, подигнато и ќе се вештачи. Секторот за внатрешни работи Тетово презема мерки и активности за расветлување на сите поединости поврзани со овој случај и за откривање на сторителите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


