Некоректно однесување на производителите, измама или маркетиншки трик, е прашањето што се наметнува кога одите во маркет и за иста цена
купувате супа која до вчера „полнеше“ четири, а сега максимум три чинии, павлака од 180 наместо 200 грама, кисело млеко не од 500, туку од 400 грама, чоколади од 85 грама за разлика од некогашните „стандардни“ 100, шеќер не од килограм или 500 грама, туку од 400 грама, паштети од 95, не од 100 грама, пишува МИА.
Овој феномен прво се почувствува кај лебот, кој се продаваше како векна од 600 грама, а од пред неколку години калира за најмалку 200 грама.
Посебно интересен е фактот што течните производи се „мерат“ во грамови, а не во литри. Јогуртот се продава во пакување од 1.000 грама наместо од литар, а цената е непроменета. Ист е случајот и со зејтинот, порано беше литар, а денес 750 грама.
– Специфичната тежина на јогуртот не е иста со таа на водата. Ако 1.000 грама вода се еквивалент на еден литар, тоа не важи и за јогуртот, зејтинот, тие тежат повеќе, што практично значи дека се крати во количина. Потрошувачот плаќа за еден литар, а купува помалку – велат експертите.
Според потрошувачите, ако внимателно се погледне декларацијата на некои од преливите за тестенини, се забележува тежина од 63,49 грама.
– Некои производители ја оставаат грамажата иста, но го менуваат пакувањето и врз основа на тоа кесичката сос поскапува – реагираат купувачите.
Од Организацијата на потрошувачи (ОПМ) нагласуваат дека во согласност со законските прописи, на амбалажата секогаш треба да стои тежината на производот кој се наоѓа внатре за купувачот сам да одлучи дали ќе го земе по понудената цена.
– Визуелно, амбалажата изгледа исто, а во суштина е помала. Тука е заблудата. Мислиме дека го купуваме истиот производ, но фактички, за непроменета, некогаш и зголемена цена купуваме помала количина. Тоа значи дека производот во суштина поскапел – велат од ОПМ.
Како пример за маркетиншки трикови ги посочуваат и популарните кафиња „три во едно“ во кои, истакнуваат, никој не знае колку има шеќер, млеко и кафе. Некои, вкупно тежат 12, а други 18 грама, во зависност од брендот. Слично е и со малите производи, како колачите, кои се нудат во големи пакувања, но не секогаш на пакувањето е означено колку точно има на број и колку тежат.
Не ретко бајатата храна се продава по иста цена како свежата. Тоа е уште една замка на трговците. Додека во европските маркети храната пред истекот на рокот на употреба се нуди на посебни гондоли, поевтина и до 70 проценти, кај нас таква практика речиси воопшто не постои, посебно не во „дуќаните од соседството“. Тие дури некогаш таквите производи ги распакуваат и ги продаваат „на мерење“, а се случува и да го прелепуваат датумот на производство.
– Некои трговци, за да ги продадат производите на кои рокот на траење им е пред истек, ги мешаат со исправни намирници. Така, ако пазарите поголема количина, и да сте ја прочитале декларацијата, дома ќе однесете и пакувања со речиси истечен рок – забележуваат граѓаните.
Тврдат дека се случува да налетаат и на производи со изминат рок што е казниво според Законот за безбедност на храна, со 5.000 евра за правно и 1.500 евра за физичко лице.
– И покрај бројните реакции кои најпрво ги покренаа европските потрошувачки организации, промени во овој сегмент нема. Ваквото однесување на трговците не е незаконско. Останува на потрошувачот да внимава и да чита што купува. Така нема да падне во замка – порачуваат од ОПМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Повеќе од 100.000 долари за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата (видео)
-
Грабеж во маркет во Ѓорче: Едниот крадел, другиот чувал стража и го тепал вработениот
-
Двајца маскирани ограбиле маркет спроти ТЦ„Буњаковец“
-
Удрил во пешак, па влетал во маркет – неколку повредени во бизарна незгода во Скопје (ФOTO)