Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, продолжуваат археолошките истражувања на неолитската населба Велушка Тумба, с. Породин, Битола.
Во текот на досегашните истражувања на овој археолошки локалитет од страна на стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Битола се откриени значајни наоди, кои ги збогатија научните сознанија од областа на станбената архитектура, економијата и духовниот живот на жителите од оваа неолитска населба.
Пронајден е богат подвижен материјал како керамички садови, фрагментирани култни предмети со пластично моделирани антропоморфни и зооморфни претстави и жртвеници.
Според квалитетот на пронајдениот материјал, овој археолошки локалитет претставува најзначајна пелагониска неолитска населба.
Со досегашните археолошки истражувања на праисторијата во Битола и во Битолско, регистрирани се и евидентирани преку 150 локалитети со фонд од неколку илјади предмети. Поради значајните вредности што ги поседува, неолитот во Пелагонија е дефиниран и како посебна Велушко-породинска културна група на раниот неолит во рамките на балканско-
анадолскиот културен комплекс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


