Ова не е првпат да бидете дел од евровизискиот тим како композитор. Како автор учествувавте неколку пати, како на ревијален дел, така и на натпреварувачки. Марија Шерифовиќ со Ваша песна ја отвори „Евровизија“ во Белград, бевте дел од тимот на Влатко и на Есма, како автор со Ања Ветерова на детска „Евровизија“ во Минск и на „Евровизија“ за луѓе со посебни потреби. Во 2006 година со Елена Ристеска и „Нинанајна“ го освоивте најдобриот пласман на Македонија од нејзиното прво учество на „Евровизија“ досега. Како се сеќавате на тоа искуство?
Димитров: Сите искуства се различни, исполнети со динамика, емоција, возбуда, тахикардија.Сепак, тоа се убави искуства каде што запознаваш голем број изведувачи од цела Европа. Во Атина отидовме мал тим од неколку луѓе и беше навистина бурно од првиот ден до последниот. Повеќе се занимававме со проблеми што не беа музички, туку политички, но и покрај тоа успеавме да го постигнеме досега најголемиот успех за Македонија на „Евровизија“. Со Грците имаме сличен менталитет, и покрај политичките разлики, и многу лесно се разбиравме и спријателивме, додека во Шведска, на пример, тоа одеше потешко бидејќи нивниот менталитет е сосема поинаков од нашиот, но сепак искуствата се позитивни.
За Тијана повторно подготвивте песна со брз ритам, народски кажано – заразна. Сметате ли дека тоа е добра финта за освојување на европската публика?
Димитров: За Тијана имав неколку идеи во кои имаше и динамична песна, балада, реге, денс… и на крај останавме на две песни, баладата и „То the sky“ и од тука препуштив на Тијана да реши со која песна чувствува дека најдобро ќе се претстави и ќе ја донесе на сцена и мислам дека не згреши. Таа е пејачка што е динамична и личност со нејзиниот темперамент ќе ја наполни и освои сцената во Копенхаген.
Тијана неколку пати изјави дека е сигурна дека не само што добро ќе се претстави туку и дека ќе освои високо место. Какви се вашите прогнози за „To the sky“? Како е да се работи со Тијана, сепак, одамна се познавате и сте направиле десетина песни, кои, навистина, станаа хит тука и во Србија.
Димитров: Никогаш не претендирам на високи места бидејќи музиката е нешто што, според мене, не може да се измери со прво, второ или со трето место. Таа е субјективна и секоја песна секој различно ја доживува и различно ја оценува и никогаш не може да има точна мера. Да трчаме на 100 метри, времето ќе ни го даде победникот, ни се допаѓал нам или не. Така што, за мене е најбитно Тијана и екипата од тројца наши врвни изведувачи, Тамара, Пере и Димитар, да уживаат на сцената, да ја наполнат со убава енергија и достојно да ја претстават Македонија. Мислам дека со Лазар и со Елена направивме модерна поп-песна и дека добро ќе се вклопи во евровизискиот амбиент.
Имавте можност да ги преслушате и другите претставници. Која песна Ви остави најголем впечаток и според Вас се издвојува од другите, поточно кој сметате дека ќе биде победникот годинава?
Димитров: Сѐ уште ги немам преслушано сите песни, повеќе сакам да ги доживеам на евровизиската сцена бидејќи со сценската и вокална изведба ќе се добие вистинската слика. Некој што добро ja пее песната на видеоспот не значи дека добро ќе ја изведе во живо и често тоа може да го расипе вкупниот впечаток. Минатата година Германија беше еден од фаворитите, меѓутоа со лошата изведба не ги исполни очекувањата. Мислам дека северните земји, кои често имаат добри песни, секогаш се во предност, а и ги има во голем број и знаат меѓу себе кому да му ги дадат гласовите.
Постојано соработувате со музичари и со пејачи од регионот. Последно, во долгата листа на соработници се впиша и Јелена Томашевиќ, неспорно еден од најдобрите вокали на Балканот. Раскажете ни за Вашата соработка.
Димитров: Со Јелена се познавам подолго време и многу долго зборувавме за соработка и така ова лето се договоривме да работам на дел од нејзиниот нов албум. Во моментов снимаме и работиме нови песни и работам на неколку аранжмани и се надевам дека за некој месец ќе го завршиме материјалот. Таа има прекрасен глас и може да испее речиси сѐ. Заедно со нејзиниот сопруг често доаѓаат и многу ги сакаат Македонија и нашата музика.
Сте компонирале, буквално, стотици песни, чинам наскоро ќе биде тоа и четирицифрена бројка. Која и кога беше првата песна што ја создадовте.
Димитров: Имам продуцирано 1.000 – 1.500 песни и сум работел со преку 500 изведувачи, ама уште не сум седнал да избројам точно. Инаку моите први чекори ги направив за едно видеоинтро некаде крајот на 80-тите, почеток на 90-тите години на мојот компјутер „амига“ и од тоа продолжив со песна за наставниците и за учениците од „Јосип Броз – Тито“, каде што го завршував моето средно образование. Меѓутоа моите први јавни песни што излегоа во етер беа со Мето и Мече и преработката на „Чудна жена“ во рап-верзија, „Цветко“ и „Отвори го пенџерчето“ со Мирко Митревски.
Кога веќе се потсетуваме на почетоците, не може да не се спомене „Нулта позитив“. Би се собрале ли повторно, макар за еден настап, онака за добрите стари времиња?
Димитров: Нашиот последен настап се случи во Њујорк – Бруклин, каде што настапивме на свадбата на Мече. Добро би било, можеби, за некоја пригода да се собереме и се надевам дека ќе ни се укаже некоја таква можност, па можеби да објавиме некои од нашите необјавени песни. Драго ми е што многу од тие песни сѐ уште се вртат на радио и среќен сум што музички пораснав во такво друштво.
Секогаш сте вложувале во младите таленти. Нивната богата кариера и успех во голема мера Ви ја должат Елена, Туна, Ламбе. Зошто решивте да ја прекинете соработката со него. Сметате ли дека можевте уште да направите заедно со него?
Димитров: Ламбе, како и многу други пејачи што беа во „М2“, успеаја да ја освојат публиката со наша помош, потоа продолжија по свој пат и ние сме горди на нив. Иако во моментов не работам со Ламбе како автор, не значи дека не го поддржувам во неговата сегашна работа, напротив, се радувам на секој негов успех како да е мој. Сѐ уште сме пријатели и заедно делиме успешно минато, а што носи иднината, само Бог знае, но се надевам добро ни мисли.
Ќе има ли следна потрага по ѕвезда? Сепак, Вие бевте првите во Македонија што истераа неколку такви успешни проекти.
Димитров: Нашата иднина е во младите таленти и драго ми е што со Иво како „М2“ успеавме да создадеме плејада на нови изведувачи. Ние не само што им дадовме шанса да го направат нивното прво соочување со јавноста, туку создадовме преку сто нови песни за стотина млади луѓе и бевме единствена продукција со таков концепт во светот. Нашата идеја беше сите 10 финалисти да бидат победници со тоа што ќе добијат нова композиција направена од врвни македонски имиња, а не да пеат веќе испеани песни, и со тоа успешно да ја почнат својата кариера . Сега голем број од нив се едни од носителите на македонската и балканска музичка сцена и тие се нашата гордост. Се надевам дека ако успееме да најдеме финансии, ќе ја обновиме нашата потрага по ѕвезда, ќе отвориме врата за многу нови неоткриени таленти и ќе ја збогатиме македонската музика.
(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 82. број на неделникот „Република“, 28.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!