| четврток, 6 декември 2018 |

Откриена нова опасна синтетичка дрога во Битола (ВИДЕО)

Министерството за внатрешни работи информира дека Битола е градот каде што за првпат е регистрирана новата дрога, која во нарко круговите е позната под неколку различни имиња како „bath salts”, „Blow”, „research chemicals”, „Explosion” и други.

Карактеристично за оваа дрога е што станува збор за стимуланс на централниот нервен систем, сличен на кокаинот и амфетамините. Тоа што треба да ги загрижи граѓаните и ризичната популација е фактот дека оваа дрога и дополнителните дејствија од неа во последните години се причина за смрт на 99 лица во земјите-членки на Европската унија, предупредуваат од МВР.

Хемиското име на дрогата е метил-ендиокси-пировалерон или скратено МДПВ.

Меѓу својствата на новооткриената дрога, која е стимуланс, е и предизвикување на намалување на апетитот, што би можело да ја направи поатрактивна за младите, таа е исклучително опасна за консумирање.

nova droga

Имено полициски службеници од Одделот за недозволена трговија со дрога при СВР Битола при преглед кај битолчанка, пронајдоа една паковка со непозната прашкаста материја и цевче со траги од прашкаста материја кои со потврда за привремено одземени предмети беа одземени и испратени на вештачење во Одделот за крим техника на МВР од каде е утврдено дека прашкастата материја со маса од 0,3 грама  претставува токму метил-ендиокси-пировалерон. Потоа при претрес во домот на друго лице во с.Трново Битола, исто така беше пронајдена непозната прашкаста материја, за која при вештачењето, беше утврдено дека станува збор за 10,17 грама метил-ендиокси-пировалерон.

Исто  така при прeтрес кај лица меѓу кои и братот на девојката од Битола пронајдена е истата материја. За точно утврдената количина се уште се чека вештачење од ОКТ на МВР.  Во сите случаи кога лицата конзумирале МДПВ , општа карактеристика е дека се агресивни, со неконтролирани движења, хипер активни, а две под дејство дрогата извршиле и разбојништва.

Бидејќи новата супстанција беше непозната, а лицата кај кои е пронајдена при давањето на исказ тврдеа дека не е дрога и кај нас не е забранета, веднаш беше реагирано и известено Министерството за здраство, односно Секторот за Контролирани супстанции и од таму повратно информираа дека се работи за нова дрога на пазарот, која е синтетичка верзија на кокаин.

Веднаш по утврдувањето за што станува збор се состана меѓуресорската комисија и со одлука ја забрани оваа супстанција, односно во „Службен весник“ бр. 56 од 27.3.2104 година, таа е внесена во прва категорија на опојни дроги. Освен оваа супстанција во дополнетата класификација се внесени и 14 други нови наркотици и нивните мешавини. Меѓу нив има дроги што предизвикуваат психоделични ефекти, аналгетици со 80 проценти од моќноста на морфинот, аноректични дроги, односно супресанти на апетитот кои предизвикуваат параноја, халуцинации, анксиозност и депресија, деривати на амфетамини и други.

Оваа појава на нови дроги, за жал е особено зачестена изминативе години со засилениот развој на науката. Од 2005 година до сега на ниво на Европската унија се пријавени дури 300 нови видови на наркотици. На видеото веќе може да ги видите новите забранети супстанци, така што по објавувањето во „Службен весник“ и за нив ќе важат законските одредби.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top