По ждребот во Виена, Металург предводен од Лино Червар го доби Кил за противник во четврт-финалето, можеби и тоа најмногу го посакуваше, а Вардар ќе ги одмери силите со Фленсбург.
Поранешниот хрватски тренер и селектор на Металург опиша како гледа на претстојните два натпревара со Кил.
– Кој е Кил, тоа се знае, имаат повеќе од 10 титули во Бундеслигата, неколку пати се шампиони на Европа, покрај Барселона се најтрофејната светска екипа. Играњето против нив ни е голем предизвик иако тие се фаворити со толкав број германски репрезентативци. Јас сум горд на сите. Го имаме убедливо најмалиот буџет во Лигата на шампионите. Колку? Милион и 300 илјади! Кил има речиси десет пати повеќе, другите исто така – вели Червар.
Тој објасни каква е ситуацијата во македонскиот ракомет, но и зошто Скопје има два тима во четврт-финалето на Лигата на шампиони:
– Ние сме мал клуб, кој по моето доаѓање трипати од квалификации дојде до 16. и два пати во осминафиналето на Лигата на шампиони. Кај нас сѐ се базира на ентузијазам бидејќи немаме пари. Осумдесет проценти од нашите играчи се од Македонија, странците се само „испомош“. Работиме со сите, живееме во мала и сиромашна сала. За нас навиваат луѓе од цела Македонија и за само 15 минути ја распродаваме салата за седум илјади посетители, по Кил, ние сме најгледаната екипа. Ние сме од Автокоманда, околу нас има само тешка индустрија, а направивме ракометен бум во Македонија.
Лино направи и паралела со Вардар:
– Тие имаат 90 проценти странци, имаат и женска екипа во полуфиналето на Лигата на шампиони. Истиот спонзор им е на сите, богати се и се шират. Градат нова сала и хотел. Таа разлика нас најмногу нѐ инспирира и сакаме да бидеме подобри од нив и да им го земеме домашното првенство. Секогаш сум на страната на послабите и уживам кога ќе ги победувам посилните и побогатите.
Металург и Кил првиот четврт-финален натпревар ќе го одиграат в сабота на 19 април, со почеток во 18.30 часот, додека македонскиот шампион Вардар ќе гостува понеделнички, на 21 април, во Германија кај Фленсбург во првиот четврт-финален дуел од Лигата на шампионите, а реваншот ќе се игра во Скопје на 26 април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.