Отворањето на косовското небо за цивилни летови, што е највено за денеска, според надлежните институции треба да овозможи повеќе прелети за Македонија, зголемени приходи од преку два милиона евра, како и пониски цени на авиобилетите, пишува МИА
Воздушниот простор над Косово е затворен за прелети на цивилни авиони од 1999 година по бомбардирањето на Србија од страна на НАТО. Со тоа беше воведено ограничување за прелетувања на цивилни авиони на висина над 8.700 метри. За авиокомпаниите забраната значеше летање по подолги маршрути и со повисоки трошоци.
Според процените на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), деблокадата на горниот воздушен простор над Косово, што се случува по 15 години, ќе привлече повеќе авиокомпании со што ќе се зголеми конкуренцијата. Се очекува зголемување на прелетите за најмалку 20 отсто, односно до 50 отсто во екот на сезоната. За толкав процент треба да се зголемат и приходите.
Годишно во просек контролата на летање на Македонија опслужува 130.000 прелети на македонскиот воздушен простор. Проценките се дека со отворањето на косовското небо ќе има дополнителни 26.000 прелети.
Од АЦВ најавуваат дека зголемениот буџет ќе се искористи за инвестиции во воздухопловниот сектор, како и за намалување на цените на услугите.
Контролата на летањето на косовскиот воздушен простор од крајот на 2011 година ѝ е доделена на унгарската воздухопловна навигација (Хунгаро контрол). М-НАВ ќе помага со обезбедување радарска слика и комуникациските врски ќе им ги даде на користење на унгарските колеги.
Според директорот на Евроконтрол Франк Бренер, отворањето на воздушниот простор на Косово преку КФОР секторот е добар пример за годишна заштеда од 370 наутички милји, односно заштеда околу 24.000 тони гориво или 75.000 тони јаглерод диоксид.
– Отворањето на воздушниот простор е одличен пример за соработка на цивилниот со воениот сектор и користење на истите маршрути, што не е вообичаен начин на функционирање – изјави Бренер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации