
Македонците се Бугари, Бугарија отсекогаш се протегала од Охрид до Црно Море и тоа го регистрирале британски патеписци, пратеници и светски новинари. Ова е денешната порака на бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Ковачев, кој организираше дебата „Документирање на состојбата на македонските Бугари преку претставување на уникатен сет на документи на Лигата на народите за нивната документирана состојба од крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век”.
Во вид на некаква збирка на патеписи и книги, во која имало „докази” за историјата на „македонските Бугари”, Ковачев, заедно со неговите колеги европратеници Станимир Илчев и Евгени Кирилов, извесни Николај Тошев, претседател на некаков Сојуз на македонските организации во Бугарија, Лазар Младенов, претседател на Бугарскиот културен клуб во Скопје и одамна познатиот “репресиран” Бугарин во Македонија, Мирослав Ризински, дебатираа пред 50-тина гости како Македонците отсекогаш биле Бугари.
Ковачев, претставник на партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, кој редовно организира лажни дебати и настани поврзани со наводни прекршувања на правата на некакво бугарско малцинство во Република Македонија, овојпат пред самиот крај на работата на сегашниот состав на Европарламентот, а пред изборите за нови европратеници во мај, се обидува повторно да ги влоши добрососедските односи меѓу нашата земја и Бугарија.
– Со овој настан сакаме да подадеме рака, да градиме мостови на пријателство. Оваа е голема донирана бугарска и европска колекција, каде се покажани болките на македонските Бугари – порача бугарскито европратеник, организатор на најновиот настан со единствена цел провокација на македонската држава.
Европратеникот Илчев, истакна дека дијалогот меѓу Македонија и Бугарија нема да биде лесен во однос на постигнување на договор за добрососедство, споменувајќи дека етничноста и јазикот се проблематични во договорот. Тој рече дека е згрозен од однесувањето на новинарите во Македонија и “србо-југословенските новинари кои со своите изјави ги репресираат Бугарите во Македонија”.
Евгени Кирилов, пак, Македонците “да се освестат и да ги постигнат критериумите за членство во Европската унија”, не кажувајќи дали како членка на Унијата, Бугарија ги исполнила критериумите на ЕУ во однос на признавање на македонското малцинство, регистрирање на политичките и невладините македонски организации во Бугарија.
– Србија е пореалистична и попрагматична и Бугарија нема проблеми со овој свој сосед – иронично напомена Кирилов.
Ризински од Скопје, пак, кој сега живее во Софија по одлежаната затворска казна во Македонија поради земање на мито, рече дека овој настан не е за историјата, туку “за противењето и репресалиите над Бугарите од Македонија”.
Голема вознемиреност на антимакедонскиот настан организиран од Бугарите во ЕП, предизвика крајниот коментар од публиката, каде еден од гостите им порача на европратениците дека вакви настани не придонесуваат за градење на мостови на пријателство и подобрување на добрососедските односи меѓу Скопје и Софија и дека, напротив, се создава поголем јаз меѓу државите.
– Историјата да се остави на историчарите, а не на политичарите – гласеше пораката која ги вознемири присутните бугарски политичари и гости, кои веднаш по ова ја затворија дебатата.
Инаку, за европратеникот Андреј Ковачев ова е само еден од низата провокации кон Македонија, ако се знае дека на секој негов настап во ЕП тој говори за “измислен македонски народ, јазик и култура” и за “бугарско потекло на Македонците”. Исто така, овој европратеник често ја посетува и Македонија, односно источниот дел на земјата, каде со неколкумина смаопрокламирани “македонски Бугари” ги посетуваат гробовите на македонските револуционери и познати дејци, истакнувајќи бугарски знамиња на истите и провоцирајќи со изјави дека се тоа “чистокрвни Бугари”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


