Со цел зголемување на приходите на општината остварени преку подобрување на наплатата на туристичка такса, но и поголем увид во бројот на туристи што се сместуваат во приватните апартмани, Советот на општина Охрид донесе одлука за усвојување Правилник за субвенционирање на туристичката такса на вршителите на угостителката дејност од мал обем.
Правилникот истовремено го уредува и на чинот на субвенционирање, согласно кој преку однапред утврдена процедура односно преку комисија за утврдување на субвенциите ќе врши враќање на средствата во висина до 50 проценти од уплатените пари на име туристичка такса.
– Правилникот за субвенционирање на туристичка такса долго време беше најавуван, но сега првпат се донесува. Веруваме дека оваа реформа ќе донесе многу средства во буџетот на општината. Ние и претходно максимално ја подобривме наплатата на туристичката такса, веруваме дека сега ќе ги стимулираме сите оние кои до сега на извесен начин го избегнувале плаќањето на таксата, истакна секретарот на општината Димитар Спасески.
Инаку, согласно одредбите од правилникот, субвенции можат да остварат сите физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем кои се регистрирани во регистарот на физички лица кои вршат угостителска дејност од мал обем и поседуваат решение за Упис, решение за извршена Категоризација на сместувачкиот објект (не постаро од три години), водат книги за евиденција на домашни и странски гости заверени во МВР (не постари од три години), поседуваат договор со туристичка агенција или туристичко биро и уплатница за извршена уплата на средства од наплата на такса за привремен престој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.