На полноќ завршува рокот за доставување барања до Државната изборна комисија за набљудување на претседателските избори закажани за 13 април.
До вчера попладне ДИК имаше акредитирано 166 меѓународни набљудувачи, 97 преведувачи и 27 домашни набљудувачи, но до нив има пристигнато и други барања така што се очекува овој број да биде поголем.
Од МОСТ најавија дека за набљудување на двата круга од претседателските и предвремените парламентарни избори закажани за 27 април ќе бидат ангажирани вкупно 2.238 набљудувачи, на целата територија на Република Македонија. Како и минатите години така и оваа, распоредот на набљудувачи по општини ќе биде еднаков, односно МОСТ ќе има еднаква покриеност во сите општини. Од МОСТ посочуваат дека поради комплексноста на двата изборни циклуси кои течат напоредно, а заради задржување на истиот квалитет на добиени податоци како на претходните изборни циклуси, оваа година на денот на гласањето нема да има набљудувачи во две смени, туку сите ангажирани ќе го набљудуваат гласањето на гласачкото место, од отворањето до објавувањето на резултатите.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР најави дека двата изборни процеси ќе ги следи со 331 набљудувач.
Набљудувачи на изборите на 13 и на 27 април ќе имаат и повеќе амбасади во земјата, како и други невладини организации.
Инаку, според Роковникот за изборни дејствија на ДИК за претседателските избори, учесникот во изборната кампања е должен 11-от ден од денот на изборната кампања односно утре да поднесе финансиски извештај за приходите и расходите на жиро – сметката за изборната кампања од денот на нејзиното отворање до десетиот ден од изборната кампања. Извештаите се поднесуваат на образец пропишан од министерот за финансии, а се поднесуваат до ДИК, Државниот завод за ревизија и од Државната комисија за спречување на корупцијата, кои се должни да ги објават на своите веб-страници.
Немоќните и болните лица кои сакаат да гласаат најдоцна до сабота – 5 април треба да ја известат општинската изборна комисија. За избирачите, пак, кои се на издржување мерка притвор, овој рок е до 9 април.
Резултатите од испитувањето на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите односно најдоцна до понеделник – 7 април.
Кампањата за претседателските избори е во тек. Првиот круг од изборите се закажани за 13 април. Во сабота на петти април започнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот