Натпреварот започна како и што посакуваа стручниот штаб и Лино Червар, со фантастична одбрана и брзо и прецизно завршени напади.
Уште при резултат 7:3 за нашиот шампион тренерот на домаќините Торгованов беше принуден да побара минута одмор, но и тоа не ги запре и поколеба сините од Автокоманда и не го наруши одличниот ритам.
Во продолжението на првото полувреме прво Манасков, а потоа Георгиевски и Вугринец реализираа во серија, а металурзите на паузата од полувремето заминаа со високи 8 голови разлика (18:10).
Второто полувреме започна со уште посилно темпо во одбраната за што доказ се само 4 примени голови за 30 минути игра.
Нашиот првак особено беше импресивен во завршните 10 минути кога репрезентативниот голман Митревски прими само 1 гол.
Тренерот Червар им овозможи на играчите од првиот состав заслужен одмор уште во 45 минута од мечот, а играчите од клупата достојно ги заменија и го приведоа мечот до крај за конечни 18 голови разлика (32-14).
Најефикасни кај Металург во овој рутински триумф беа Вугринец и Мојсовски со по седум постигнати погодоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.