| четврток, 6 декември 2018 |

Станиќ: Металург не се плаши од никого

Извонредниот голман Дарко Станиќ ќе биде еден од големите адути на Металург за подвиг против Кил и евентуален пласман на завршниот ракометен спектакл за титулата во Келн. Репрезентативецот на Србија брани импресивно во Лигата на шампионите, а ќе треба да биде на посакуваното ниво и против германскиот гигант за историски чекор и прв пласман на Ф4.

– Металург не се плаши од никого иако го почитуваме Кил. За да се игра на завршниот турнир во Келн мора да се победат и најсилните екипи во Европа. Не дојдовме да учествуваме во Лигата на шампионите, туку да направиме резултат што ќе се памети. Ќе биде интересен двомеч на две различни ракометни школи, балканската и германската. Металург има квалитет, постојано сме во друштво на ракометниот крем и се надевам дека во овој циклус ќе сториме нешто за што сите сонуваме. Со тимска игра ќе одговориме на индивидуалниот квалитет што го има Кил – вели Станиќ во изјава за „Република“.

Кил има огромно реноме во европскиот ракомет, три пати беше европски првак, уште 3 пати играше во финалето, а имињата на Јиха, Сигурдсон, Вујин, Зајц, Екберг, Палмарсон, Тофт Хансен…. говорат доволно за екстраквалитетот на германскиот гигант.

– Ние си имаме свој концепт, игра што е препознатлива и нема да отстапиме од тактиката. Во Скопје паднаа големи екипи од калибарот на Барселона и Пари Сен- Жермен и не гледам причина да не биде така и овојпат. Очекувам два неизвесни дуела и се надевам дека ќе го оствариме сонот со пласман на турнирот во Келн – додаде Станиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top