| четврток, 6 декември 2018 |

Најуспешни првоаприлски шеги што го излажаа светот

Целиот свет на 1 април се шегува на сметка на луѓе или настани, а при тоа не се избираат средства бидејќи на овој ден сѐ е дозволено доколку се успее да се извлече насмевка.
Светот помни десетина величествени „вистини“ кои го одбележале 1 април, а овие се едни од најуспешните:

– Џонатан Свивт, автор на познатите „Гуливеровите патувања“, на 1 април 1713 година објави дека еден од погубените криминалци ќе се врати од мртвите за да се напие пиво во локален паб. Тој ден сите пабови биле преполни со луѓе кои сакале да го видат мртовецот што пие пиво.

– Холандската национална телевизија во 1950 година објави дека се урнала Кривата кула во Пиза. Тоа беше време без интернет, па информациите не можеше брзо да бидат проверени поради што оваа вест предизвика вистински шок во земјата на лалињата.

– Водителот на „Би-Би-Си“, Ричард Димблби, во 1957 година приреди документарен филм за рекордната жетва на шпагети во швајцарските Алпи. Редакцијата на „Би-Би-Си“ била затрупана од повици на луѓе кои сакале да дознаат повеќе детали за „новата гранка во земјоделството“.

– Во 1962 година телевизорите во боја биле вистинска реткост. Шведската национална телевизија тоа го искористила и на своите гледачи им ја пласирала информацијата дека приемниците можат веднаш да ги претворат во боја само доколку преку апаратот навлечат најлон чорапи.

– Една од најпознатите првоаприлски шеги ја приреди некогашниот весник „Политика експрес“ кога на 1 април 1964 година ја објави за тоа време неверојатната вест дека омилениот Драгослав Шекуларац преминува од Црвена ѕвезда во Партизан. Веста била на насловната страница, а на последната пишувало: Апри-ли-ли-ли.

– Во 1966 година американската компанија за брза храна „Тако бел“ објави дека од американската влада ќе го купи „Ѕвоното на слободата“ (познатото Либерти бел) и ќе го преименуваат во „Тако либерти бел“. Тоа ѕвоно е еден од најдрагоцените споменици од времето на американската револуција, па илјадници лица вложиле протест. Се смириле дури кога компанијата објавила дека е само првоаприлска шега.

– На еден жител на Алјаска на 1 април 1974 година му било многу здодевно па запалил неколку стотици гуми на врвот на вулканот Монт Еџтамб, кој речиси три илјади години не бил активен. Густиот црн чад ги натерал жителите масовно да бегаат од блиските села додека момчето на врвот на вулканот се забавувало како никогаш во животот.

– Уважениот британски астроном Патрик Мур на 1 Април 1976 година објави дека ретка положба на планетата привремено, во целост ќе ја намали гравитацијата на земјата, поради што сите луѓе едно време ќе можат да лебдат. Стотици слушатели се јавиле во редакцијата да кажат дека експериментот успеал.

– На 1 Април 1998 година научното списание „Њу Мексиканс фор Сајнс“ ја објави веста дека Парламентот на американската држава Алабама ја сменила вредноста на бројот Пи од математичката констанца 3,14 на бибилската 3,00.

– Американскиот синџир на ресторани за брза храна „Бургер кинг“ во 1998 година ја пушти веста за продажба на хамбургер прилагоден на левучарите. Не само што левучарите порачувале, туку и лицата кои доминантно ја користат десната рака инсистирале да го добијат стариот хамбургер, лути поради дискриминацијата.

– Славниот концептуален уметник Скагс со години објавува дека на 1 Април ќе организира посебна парада во Њујорк. Секојпат се собираат новинари, но тие можат само да информираат дека повторно наседнале на првоаприлската шега. Сепак упорно доаѓаат, бидејќи никогаш не се знае.

– На 1 Април 2003 година голем дел од корејските и кинески интернет страници соопштија дека Си-Ен-Ен објавил дека е убиен сопственикот на Мајкрософт Бил Гејтс. Резултат од оваа шега е вкупно опаѓање на акциите на корејската берза за 1,5 отсто.

– Британскиот дневен весник „Дејли мејл“ на 1 Април 2006 година објави дека британскиот премиер Тони Блер ја бојадисал во црвена боја вратата од Даунинг стриг, која е традиционално црна, додека „Тајмс“ објави текст за нов заштитен систем на кредитните картички кој се активира со пеење.

– Најголемиот шведски дневен весник „Дагенс Нихетер“ на 1 Април 2006 година преплаши илјадници велосипедисти дека властите во Стоклхолм ќе воведат ограничување на брзината за велосипедите на 20 километри на час во потесниот центар на градот.

– Истата година во Белгија, радио мрежата ВРТ јави дека регионалната влада во Фландрија била толку многу загрижена од влијанието на тмурното време во земјата, што одлучиле на жителите да им врачи десет илјади „сончеви чекови“, со што тие ќе можат бесплатно да ги посетат солариумите.

– Радиото „Вест Милендс“, од Бирмингем во 2007 година објави дека Мајкл Џексон се преселил во тој град. Направиле лажна, но убидлива видео снимка од поп ѕвездата на улиците на Бирминген и ја поставиле на својата интернет страница, како доказ за сите оние кои не поверувале во оваа инфомација.

– Водителот Ник Таф од британската радио станица „Вест“ на 1 Април 2007 година, во живо од програма му се јави на јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела, претставувајќи се како британскиот премиер Тони Блер. На крајот на опуштениот разговор, водителот го прашал Мандела што правел тој ден, индиректно насочувајќи го заклучокот дека е
насамарен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top