| четврток, 6 декември 2018 |

Точно на пладне се крои судбината на Вардар и Металург

Точно на пладне денеска во Виена се крои судбината на двата македонски претставници Вардар и Металург, а клучно за амбициите да се игра на фајналфор турнирот во Келн ќе биде изборот на противниците во четвртфиналето. Апетитите пораснаа и во „црвено-црниот“ табор по елиминацијата на актуелниот европски првак Хамбург и кај Металург по двојната победа над Колдинг.

Сините од Автокоманда и лани играа во оваа фаза, а полскиот Кјелце беше поуспешен и замина на завршниот турнир во Келн. Сега Металург приреди реприза и посакува во третиот едноподруго настап во Лигата на шампионите, да го направи решавачкиот чекор кон „Ланксес“ арена во Келн.

Можни противници на македонскиот вицешампион кој е неносител се Барселона, Кил, Веспрем и Вардар.

„Само да не ни падне Барселона, а би сакал да играме против Кил. Мислам дека ЕХФ нема да дозволи македонско четвртфинале. Против Вардар би имале најголеми шанси, но јас лично не сакам да се сретнеме во оваа фаза, бидејќи тоа би значело сигурна елиминација на еден од двата македонски претставници“, вели Ренато Вугринец.

И Металург и Вардар покажаа дека со квалитет, напорна работа, добра игра никој не е непобедлив. Вардар го урна европскиот првак Хамбург и тоа со победа на негов терен, со што до небо пораснаа апетитите кај македонскиот првак. Можни противници се Металург, Флензбург, Рајнекар Левен и Пари Сен Жермен.

„Го совладавме актуелниот европски шампион, и со тоа докажавме дека имаме доволно квалитет за пласман на завршниот турнир. Ова е неверојатен успех, кој што не може да се објасни со зборови. Најважно од се е дека Вардар се најде меѓу најдобрите осум екипи во Европа. Сега треба добро да се одмориме бидејќи долго патувавме, а потоа продолжуваме со подготвките за следните предизвици. Без разлика кој ќе биде нашиот противник ние ќе се бориме до крај, исто како на двата меча против Хамбург”, изјави еден од јунаците на големата победа, Петар Ангелов Диви.

Првите четвртфинални мечеви ќе се играат од 16 до 20 април, а Металург ќе биде домаќин, за разлика од Вардар кој сигурно ќе гостува на тој меч. Реваншите се закажани за термините од 23 до 27 април и тогаш улогите ќе бидат заменети. Вардар ќе има можност реваншот да го игра во Скопје, додека Металург ќе гостува.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top