На плоштадот „Сармаале“ во Велес вечерва предизборен митинг одржа Зоран Поповски претседателскиот кандидат на ГРОМ и нивната коалиција. Во своето обраќање Поповски истакна дека по денешните бројни средби со велешани заклучил дека не е среќен што Велес од некогашен индустриски град се претворил во стечаен град со луѓе кои имаат проблеми со својата егзистенција и каде младите главно живеат од пензиите од втората и претходната генерација.
Ние, потенцира Поповски, сакаме да им обезбедиме на граѓаните независно од нивната партиска, етничка и верска припадност да се чувствуваат еднакви пред Уставот и законот. Во земјата на различности, како што рече Поповски треба да живееме едни со други, а не едни покрај други. Тоа, според него, е единствениот пат на етничка стабилност кој ќе обезбеди политичка стабилност, а таа пак ќе ни обезбеди економски просперитет.
– За мене е најважно да се стабилизираме како држава, да воспоставиме политички дијалог помеѓу политичките субјекти во Македонија, да отвориме јавна дебата за сите клучни прашања, економијата да ја ослободиме од дневно влијание на политиката, да ги ослободиме граѓаните од драконските казни и да ги ослободиме фирмите од секојдневните инспекции – рече Поповски.
Тој им порача на велешани дека дека ако биде избран за претседател ќе биде заштитник на интересите на граѓаните, а една од неговите први обврски ќе биде да се намалат големите казни по разни основи за граѓаните и фирмите, а воедно и младите кои работат во странските компании во земјава за минимална плата од осум илјади денари да земаат подостоинствена плата од минимум 15 илјади денари.
На митингот во Велес се обрати и претседателот на партијата ГРОМ, Стевче Јакимовски и претседателот на ЛП, Иван Величковски. Претседателскиот кандидат на ГРОМ, Зоран Поповски претходно имаше средби со граѓаните на Чашка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.