| четврток, 6 декември 2018 |

Миркуловски и Станиќ го сакаат Кил, Атман вели само Кил не

Metalurg aerodrom 04 (Custom)

По пристигнувањето во Скопје, ракометарот на Мeталург, Павел Атман изјави дека посакува да не се сретнат со Кил во четврт-финалето.

Секогаш е тешко да се игра на гости, но ние ја посакувавме оваа победа и на крајот заслужено триумфиравме. Што се однесува до противникот во четврт-финалето тоа во моментов е најмалку важно. Сите тимови се многу силни и станува збор за квалитетни екипи. Ако биде Вардар тоа ќе биде одлично бидејќи ќе играме уште едно македонско дерби во Лигата на шампионите. Ако веќе можеме да избираме не би сакал да се сретнеме со Кил – рече Атман.

Metalurg aerodrom 01 (Custom)

За разлика од него, Дарко Станиќ посакува токму Кил да биде следниот противник:

– Не знам зошто некои сѐ уште се сомневаат во нас, веќе трета година по ред играме во осминафиналето. Сакавме да докажеме дека и на нивен терен и во какви било услови за игра сме подобри. Оваа година тргна со големи имиња, па можеби и најдобро е да го извлечеме Кил и да ги одмериме силите и со него – рече тој.

Со иста желба е и Филип Миркуловски:

– Сакавме да победиме и осминафиналето да го завршиме со две победи. И успеавме во тоа. Сезонава победивме шпански првак , Барселона, француски шампион, ПСЖ , остана уште германски првак – да го добиеме Кил. Може и македонскиот првак, ама него веќе го победивме – вели Миркуловски.

Тренерот Лино Червар пак, упати честитки за сите ракометари кои навистина херојски го одиграа овој натпревар.

Ние направивме голем подвиг бидејќи веќе трета година од квалификациите стигнавме до елиминациската фаза од Лигата на шампионите.  Постигнавме извонреден успех бидејќи втор пат по ред сме дел од четврт-финалето. Мислам дека тоа никому не успеале и тоа е еден неверојатен подвиг. Не само за нашиот клуб туку за македонскиот ракомет воопшто. Сакам посебно да им се заблагодарам и на нашите навивачи кои имаат значаен придонес за постигнатиот резултат – изјави Червар.

Тренерот на Металург му го честиташе и пласманот на Вардар меѓу осумте најдобри состави во Европа.

Сакам да му честитам на нашиот голем ривал, но и спортски пријател Вардар за пласманот во четврт-финалето. Мислам дека сите мораме да бидеме горди на овие резултати. Што се однесува до следниот противник не сакам да размислувам. Нека биде оној клуб што господ ќе го одреди – рече Червар.

Жрепката за четврт-финалето ќе се одржи утре во Виена со почеток од 12 часот и 15 минути

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top