Ракометарите на Металург пристигнаа во Скопје. Беа пречекани од новинарите кои им честитаа за големиот успех – победата над Колдинг и пласманот во четврт-финале.
–Прво морам да кажам дека вчера одигравме еден тежок натпревар и во разговор со еден од ракометарите на Колдинг дека ова за него била една од најтешките мечеви во кариерата. Дуелот беше тежок не само на физички туку и на психолошки план. Ние во средбата влеговме со огромна желба да победиме и поради тоа на крајот и се радувавме на триумф и уште еднаш докажавме дека заслужено се наоѓаме меѓу осумте најдобри екипи во Лигата на шампионите. Сега со многу самодоверба го чекаме епилогот на жрепката, но за сите во Македонија е најважно што имаме двајца претставници во четврт-финалето – ни изјави Ренато Вугринец, најдобриот стрелец на овој меч, но и најдобриот стрелец во машката ракометна Лига на шампиони.
Лино Червар, тренерот на Металург, не ја криеше возбудата од успехот на неговите момци. Вели, возбудени сме сите.
–Славевме до раните утрински часови. Немавме време за размислување. Бевме премногу возбудени и среќни. И благодарам на македонската јавност за поддршката која ни ја дава – рече Червар.
Вугринец нема фаворит за четвртфиналниот дуел, но знае со кого не сака да се сретне.
–Сеедно е кој ќе биде. Единствено сакам да не се падне Барселона – вели Вугринец.
Пикерот на Металург, Ванчо Димовски, пак за противник го посакува македонскиот Вардар. Ренато пак вели, тоа ќе биде скопски дуел, дерби во државата, но тогаш само еден тим има шанси да се пласира.
Филип Миркуловски пак изјави дека играле како да не постои првиот меч и оние шест гола предност.
– Сакавме да победиме и осминафиналето да го завршиме со две победи. И успеавме во тоа. Сезонава победивме шпански првак , Барселона, француски шампион, ПСЖ , остана уште германски првак – да го добиеме Кил. Може и македонскиот првак, ама него веќе го победивме – вели Миркуловски.
И Дарко Станиќ, голманот на Металург, кој вчера забележа 12 одбрани го посакува Кил.
– Не знам зошто некои сѐ уште се сомневаат во нас, веќе трета година по ред играме во осминафиналето. Сакавме да докажеме дека и на нивен терен и во какви било услови за игра сме подобри. Оваа година тргна со големи имиња, па можеби и најдобро е да го извлечеме Кил и да ги одмериме силите и со него – рече тој.
Крилото на Металург, Гоце Ѓоргиевски излезе од скопскиот аеродром кривејќи си едната нога. Вели веднаш оди на снимање на ногата.
–Одам на снимање на ногата. Мислам дека се работи за истегнати странични лигаменти на коленто. Се надевам ќе можам да играм во четвртфиналниот дуел – вели Гоце Ѓоргиевски.
фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.