За разлика од неговиот идол, Бранко Црвенковски, кој сака да учествува и да го има, односно не сака да се повлече иако најавува и се обидува да наметне слика дека веќе го нема, кандидатот на СДСМ за претседател, Стево Пендаровски, е човек кој барем досега не сакал да учествува на избори. Тој досега ниту еднаш не се соочил со народот, го немало на ниту една изборна листа. Но, затоа, пак, секогаш бил присутен во врвот и секогаш имал добра позиција. Наместо соочување со народот, Пендаровски се соочувал со удобните кабинети. Ниту еднаш не застанал очи в очи со народот за да види колку му верува.
Беше шеф за национална безбедност, советуваше за надворешна политика во кабинетите на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, а уживаше и во претседателската фотелја на Државната изборна комисија. Својот најголем политички грев Пендаровски го направи кога беше претседател на ДИК од која позиција го инаугурираше Црвенковски за претседател иако сите релевантни фактори предупредуваа дека на изборите беа прекршени изборните правила. Вториот грев е неговото раководење со ДИК кога Македонија беше осакатена со референдумот за територијална поделба.
Пендаровски предлага спорот за името да се решава зад затворени врати далеку од очите на јавноста и без нејзино знаење.
– Мислам дека е дојден часот кога релевантните политички субјекти треба да седнат далеку од очите на јавноста и да се договорат за две работи: дали нашите стратегиски цели утврдени во 90-тите години остануваат исти или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме, но при тоа да го сочуваме народот затоа што тоа е апсолутен приоритет број еден – вели тој.
Во тој тесен круг, кој треба да одлучи за името на државата, за македонскиот идентитет и јазик, тој ги сместува политичките елити, а не сите граѓани на Република Македонија. Пендаровски во една пригода има изјавено дека Македонија нема никаков проблем со признавање на јазикот како идентитетско прашање. Истовремено, пак, Грците јасно кажуваат дека нема да дозволат посебен македонски идентитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.