| четврток, 6 декември 2018 |

Респект од Вардар за Металург, „сините“ од Автокоманда возвраќаат: Браво за Вардар

Успесите ги споија лутите ривали Вардар и Металург, а цела Македонија се радува на подвигот на двата наши претставници во Лигата на шампионите. Историски ден за спортот кај нас е 30 март, ќе имаме два кандидати за пласман на завршницата во Келн.

Особено убаво изгледа кога ќе му честитате на големиот ривал, а Вардар и Металург преку своите клупски страници го сторија токму тоа, со посебен респект едни кон други. Ривалитетот, и тоа голем, здрав и спортски, треба да остане за на терен, во битката за бодови и титули.

Надвор од него останува меѓусебниот респект и честитки за успесите што ја кренаа Македонија на нозе.

„Металург блескаше и во реваншот со Колдинг“, е насловот на текстот посветен на големата победа на Металург во Данска, на официјалната клупска страница на РК Вардар.

„Ракометарите на Металург се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите, по победата и во реваншот против Колдинг со 30-26 (15-13). Македонскиот вицешампион одигра одличен натпревар во „Тре фор арена“, предводен во нападот од феноменалниот тандем Вугринец и Атман и убедливо го доби двомечот со вкупни 53-43“, стои во дел од текстот, полн со комплименти за играта на Металург.

„Сините“ од Автокоманда веднаш возвратија по фантастичниот успех на Вардар во Хамбург и елиминацијата на европскиот првак.

„Браво за Вардар, кој најде сили да го елиминира европскиот шампион, среде Хамбург. Сега се реални шансите Македонија да добие и учесник во фајналфорот на Лигата на шампионите, нешто што до пред неколку години се чинеше апсолутно неверојатно. Браво за двете наши екипи. Браво за Македонија“, пишува на официјалната клупска страница на Металург.

Супергест на двете екипи, на ракометарите, на раководствата на клубовите, за комплетирање на прекрасните моменти за сите Македонци, кои се горди на успехот и на Металург и на Вардар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top