Вардар направи чудо, вистинска сензација во ракометниот свет со елиминација на европскиот првак Хамбург и тоа на гостински терен со победа од 30-29, а Македонија има голема причина да се радува, бидејќи претходно и Металург со втора победа против Колдинг обезбеди пласман во четвртфиналето.
Вардар и покрај проблемите поради неиграњето на Тимур Дибиров и аутсајдерската позиција по ремито дома, 28-28, покажа неверојатен карактер, срце и желба за триумф, што ги доведе до сензационален успех.
Прибак, Душебаев, Филип Лазаров, Брумен и особено расположениот голман Петар Ангелов успеаја да го скротат најдобриот тим на планетата и тоа на негов терен во Хамбург. Поразот на европскиот првак е чудо над чудата, а продолжува традицијата која вели дека ниту еден тим по овој формат не успеал да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите.
Ангелов правеше чуда на голот на Вардар и тој е најзаслужен за блескавиот успех на „црвено-црните“, кои за првпат во клупската историја ќе играат во четвртфиналето. И таму ќе ја имаат позицијата на носител, а можен противник им е Металург.
Ако се случи двата македонски преставници да играат меѓусебе, тогаш Македонија за првпат би имала учесник на заврпниот турнир за титулата, или популарниот фајналфор во Келн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


