
Би сакал да одиграме во Германија како што игравме во второто полувреме во Скопје, таковиот начин на игра може да ни донесе резултат. Сепак, треба да бидеме реални дека тие имаат многу квалитетен тим, имаат одлични шутери коишто можат да одиграат многу поквалитетено од тоа што го направија во „Борис Трајковски“. Хамбург е актуелен шампион на Европа, во своите редови го имаат најдобриот ракометар на светот, Домагој Дувањак, што доволно говори за нивниот квалитет. Ги гледавме сите натпревари кои ги имаат одиграно дома во Лигата на шампионите, и на сите доминираа. Нашата шанса на овој натпревар ја гледам во тоа да одиграме најдобро досега. Да прикажаме игра без грешки како во одбраната и во контранападот, така и во реализацијата – вели тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалес.
Вардар денеска го игра реваншниот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите против актуелниот освојувач на трофејот Хамбург. Првиот меч во Скопје заврши без победник 28:28, и патникот меѓу најдобрите осум екипи во Европа ќе биде познат по завршување на денешниот дуел. Вардарци ќе бидат ослабени на овој натпревар со неиграњето на најефикасниот ракометар од првиот меч Тимур Дибиров, кој претрпе повреда на окото. На спротивната страна, Хамбург ќе биде посилен за данскиот репрезентативец Линдберг, кој заздрави од повредата која го оттргна од терените шест недели.
Дуелот Хамбург – Вардар е последен од денешната програма, и стартува од 18.45 часот. Ќе се игра во „Шпортхале“ во Хамбург, а преносот ќе може да го гледате на ТВ „Алфа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


