Во рамки на проектот „Дигитална култура за регионална кохезија“ што со средства од ИПА програмата за прекуграничен развој го реализираа Здружението за техничка култура „Народна техника“ од Струмица и здружението „Без граници 21“ од Ќустендил, соседна Бугарија, во Струмица беа претставени првите резултати од овој едногодишен проект.
Како што истакна претседателката на Сојузот на Народна техничка на Македонија Христина Спасевска, со реализацијата на овој заеднички прекуграничен проект се зближија младите од Струмица и Ќустендил, преку најубавиот начин, а тоа е културната размена и дигиталната промоција на културните добра во двете соседни држави.
– Над 400-тината мини картички, во кои се наоѓаат културно-историските знаменитости од двете земји, се плод на заедничката работа на младите ентузијасти од двете земји. Истовремено плод на овој проект се и виртуелните програми од 360 степени, за 20 локации во Македонија и исто толку во Бугарија, кои преку порталот на проектот се достапни на целиот свет. Ова само по себе зборува за посветоноста и заедничкиот труд на овие млади и нивната желба за уште поголема и поубава, овој пат дигитална презентација на нивните земји, рече Спасевска.
Младите учесници во овој проект се претставија со свои филмски дела и на годинашниот Државен фестивал на непрофесионалниот филм во Струмица, на тема туристички убавини, а гости на фестивалот беа педесетина млади учесници во проектот од Бугарија.
Завршна активност од овој прекуграничен проект е „Балкански фестивал за дигитална култура и репродуктивна уметност“ кој ќе се одржи во Ќустендил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.