Колку и да звучи чудно или како и да сака некој да оцени, отчетот за сработеното е основа за креирање на демократијата во една држава. Демократските процеси долго време беа затскривани зад разни ветувања од предизборни митинзи за потоа, без програма и концепт, да се „гасат пожари“ таму каде што ќе се појават. Водењето на државата се сведуваше на ад хок решенија кои требаше да гарантираат состојба на релативен мир. Без развој, без план, без програма и, секако, без отчет што требало, а што било сработено за време на еден мандат.
Во тој систем на функционирање – кој си го задржа преодното име транзиција – долги години на врвот на државно-политичката сцена опстојуваа ликови кои ги искористуваа исцрпеноста и незнаењето на широката јавност. Кога таквиот приод беше урнат со политичка партија која пред себе постави цели, а тие добија поддршка од јавноста, се отвори ново поглавје во македонската политичка историја. Вториот чекор беше отчетот. И тоа на сите нивоа на власт – локална, извршна, претседател на држава.
Додека опозицијата се прпела во сопствената безидејност, не можејќи да се трансформира во модерна политичка опција која својата моќ би ја црпела од гласачите, ВМРО-ДПМНЕ успеа да воспостави нов систем на вредности. Програма за работа и отчет за сработеното. Тој вид комуникација само го истакнува вистинскиот извор на моќ. Всушност, демократијата не лежи во комуникацијата изразена преку тоа колку ставовите на некој медиум допираат до јавноста. Напротив, лежи во тоа колку политичките опции ги ценат гласачите и довербата изразена на претходните избори. Токму таа комуникација е најголемата болка на опозицијата.
Нов менталитет – нови вредносни норми
Голем дел од критичката јавност признава дека ВМРО-ДПМНЕ успеа да воспостави нов систем на размислување во Република Македонија. Изборната програма и отчетот се основа за тој нов ментален склоп. Во него гласачите веќе не се препознаваат како маса со која раководат некои од горе. Македонските гласачи со тој ментален склоп се вратени на врвот од демократската пирамида. Отчетот е наменет за нив. Со него треба да препознаат дали го добиле тоа што им било ветено или, ако сакате, тоа што „го платиле“ со својот глас. И не мора да биде човек многу задлабочен во политичките и во општествените промени – та тамам работа секој да следи сѐ и да прибележува. Доволно е да се земат изборната програма и отчетот. Наједноставно, да се споредат.
Отчетот не е насочен кон внатре, кон партијата, туку кон надвор. И токму тој приод е духот што го прогонува СДСМ.
Што содржи отчетот
Ако може да се напише накратко што содржи отчетот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата „За подобра Македонија“, тој е напишан на 260 страници и содржи елаборација на 1.376 проекти, од кои 1.009 се реализирани, а 329 се во тек на реализација поради фактор време.
Во него, меѓу другото, се наведени подетални информации за креирањето 119.186 работни места, за 1.871.000.000 евра странски инвестиции, за невработеноста, која се намалила на 28,6 проценти, за исплатените 550 милиони евра субвенции за земјоделците, за Законот за материјално обезбедување на околу 6.000 стечајци, за целосната реконструкција на здравствените објекти и за набавката на најсовремена медицинска опрема.
Во отчетот е наведено дека просечната пензија е зголемена за 62 проценти, а социјалната помош е зголемена за 47 проценти.
По објавувањето на отчетот од ВМРО-ДПМНЕ, нападот на опозицијата преку нејзините медиуми беше насочен не кон содржината, туку кон тоа дали законски смеело да се реферира за сработеното во период пред кампања. Тоа, според аналитичарите, ги открива не само слабостите на СДСМ и неуспешноста на нивната политики, туку и начинот на кој се справува со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ во ниту еден момент не отвори дебата за сработеното со што на извесен начин го легитимира тоа што е сработено. Од друга страна, небулозно е главната дебата околу отчетот да биде дали тој е рефериран во законски рок или не кога ВМРО-ДПМНЕ од 2008 година до сега континуирано поднесува отчет. И тоа го правела во период и кога имало и кога немало избори. Така беше даден отчет за сработеното во првите сто дена на Владата, па на изборите во 2008, во 2011 година и пред локалните избори за секој градоначалник и општина одделно“, посочуваат аналитичарите со кои контактираше „Република“.
За отчет од СДСМ ќе се почека
Во услови во кои битисува СДСМ, нормално е да биде против отчетот на ВМРО-ДПМНЕ, впрочем против секој отчет бидејќи патот до него е долг. Всушност, таквиот начин на однесување открива и друга димензија. СДСМ и по осум години опозиција не гледа на отчетот како нужна постапка која е нормална за еден политички субјект, дури и неопходна да ја практикува. Не треба да се оди подалеку од општините во кои на локално ниво владее СДСМ. Граѓаните во општините каде што СДСМ е на власт, на пример Куманово, Струмица и претходно во Охрид, го чекаа отчетот за сработеното, но ниту еднаш кадарот на СДСМ не излезе со отчет за сработеното. Доволно да се сфати дека отчетот не е прифатен од СДСМ како нормална практика или потреба, што, во основа, ја прави суштинската разлика во приодот и во начинот на кој дејствуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, пак, се пресликува на следните гласања кога отчетот и делата што се прифатени, се поблиски и видливи за граѓаните. Да, за граѓаните. За носителите на вистинската моќ во една демократска држава.
Колку и да сака некој да го претстави како залудно трошење хартија или да пресметува колку чини тој потег, тоа што СДСМ не може да го спори е дека отчетот е доблест која ВМРО-ДПМНЕ им ја испорачува на граѓаните што ѝ ја довериле власта. Тоа што единствената критика на опозициските медиуми е дека отчетот не содржел ништо за проектите од „Скопје 2014“, значи дека, освен овој проект, актуелната власт спровела и редица други проекти што се наведени во отчетот. Проекти што се прифатени и одобрени од граѓаните, проекти за кои и опозицијата може да прочита што е наброено во отчетот. Така, во суштина, и опозициските тези за диктатура, загрозување на слободата и мегаломанство паѓаат во вода. Затоа и не се прифатени од граѓаните. Гласачите не се идентификуваат со тие тези. А, ВМРО-ДПМНЕ, колку и да се претставува дека се загубила во моќта, со отчетот покажува каде точно лежи моќта во Македонија. Во граѓаните. А, токму тоа е основа на демократијата.
(Пишува: Наум Стоилковски | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)