| четврток, 6 декември 2018 |

Во само една недела, МВР расчисти стотина кривични дела

Во текот на минатата недела расчистени и документирани се стотина кривични дела сторени на подрачјето на градот во различни реони, за што се процесуирани 89 кривични пријави против 112 осомничени лица, соопшти денеска Секторот
за внатрешни работи Скопје.

Одделението за имотни деликти при Единицата за општ криминал поднесе вкупно 19 кривични пријави против 26 лица и тоа за дела како тешка кражба на дрзок начин, разбојништва во обид, разбојништво, предизвикување општа опасност, прикривање и други дела во ингеренции на Отсекот за тешки кражби, отсекот за моторни возила, отсекот за џебни кражби и Одделението за малолетници.

Канцелариите за криминалистички работи, пак, поднесоа вкупно 10 кривични пријави против 16 лица со кои се расветлени 12 кривични дела тешка кражба, кражби и одземање на моторни возила.

Вкупно 25 кривични дела реализираше Единицата за насилен криминал, меѓу кои и убиството врз тригодишното дете, а беа поднесени и пријави за противправно лишување од слобода извршено на подрачје на Гази Баба, загрозување со опасно орудие при караница или тепачка извршено на подрачје на Аеродром; загрозување на сигурноста извршено на подрачјето на Гази Баба; предизвикување општа опасност извршено на подрачјето на Центар; насилство извршено на подрачјето на Чаир; самовластие извршено на подрачје на Центар, задоволување полови страсти пред друг извршено на подрачје на Центар; напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста извршено на подрачјето на Драчево.

Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје реализираше вкупно пет кривични дела за што кривично ќе бидат пријавени пет лица од Скопје од кои две се во рамки на отворената меѓуресорска акција „Мрежа“ и се насочени против трговијата со наркотици, а три се однесуваат на нелагалната трговија со оружје.

Единицата за економски криминал и корупција изготви вкупно четири кривични пријави против шест лица за сторени две кривични дела фалсификување исправа и за две кривични дела измама.

Одделението за извршени увиди за сообраќајни незгоди поднесе 29 кривични пријави против исто толку сторители под основано сомнение дека сториле кривично дело од областа на сообраќајот и тоа четири – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и 25 дела – загрозување на безбедноста на сообраќајот.

Единицата за извиди и потраги лиши од слобода вкупно осум лица кои се бараа од страна на Основен Суд Скопје 1 за различни дела и тоа: кражба, тешка кражба, запуштање и малтретирање на малолетно лице, злоуптреба на службена положба и овластување, изнуда, фалсификување знаци за обележување на стоки, мери и тегови, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, тешка кражба, злосторничко здружување и други.

Единицата за прв одговор и интервенција – Алфа изврши легитимирање на 349 лица, 66 прегледи на ПМВ и приведе вкупно 81 лице.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top