| четврток, 6 декември 2018 |

ДИК ќе располага со околу седум милиони евра за изборите

dik2014 (11)

Државната изборна комисија (ДИК) за претседателските и за предвремените парламентарни избори ќе располага со околу седум милиони евра, средства што за оваа намена биле одобрени од Владата.

Потпретседателот на Комисијата Субхи Јакупи на денешната седница соопшти дека ДИК пред два дена добила допис од Министерството за финансии во кој се наведува дека се одобрени овие средства и оти доколку има потреба Владата ќе обезбеди дополнителни средства. Побарувањето на ДИК до Владата за одржување на двата изборни процеси изнесуваше околу осум милиони евра.

ДИК денеска ја утврди формата и содржината на избирачкото ливче за претседателските избори. Ливчињата ќе бидат изработени во печатницата „Киро Дандаро“, а право на глас имаат еден милион 779 572 гласачи.

До името на кандидатот за претседател, како што објасни претседателот на ДИК Никола Рилкоски, ќе стои група избирачи или бројот на пратеници, со чии потписи е предложен.

Ливчињата ќе бидат печатени на македонски јазник и на кирилско писмо, а во општините каде што живеат над 20 проценти припадници на етничките заедници и на јазикот на кој тие зборуваат. Само во две места ќе имаат тројазични избирачки ливчиња за претседател и тоа на македонски, албански и српски, и на македонски, албански и ромски јазик.

Избирачкото ливче ќе има заштита. Неговата позадина во првиот круг од изборите ќе биде зелена, а во вториот жолта.

Од Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори досега се избришани 139 лица, а запишани се двајца, информираше потпретседателот Јакупи. До денеска, според информациите од ДИК, електронски, преку веб-страницата на ДИК, увид во Избирачкиот список направиле преку 27.000 граѓани.

Одобрени се 2.180 решенија за гласање за државјани од дијаспората, а 11 одбиени. Јакупи посочи дека 38 лица кои се пријавиле за гласање воопшто ги немало во Избирачкиот список. Според нивното место на живеење, повеќето се од Белград. До вчера до ДИК беа доставени над 6.000 барања за гласање на предвремените избори.

Во недела истекува рокот на јавниот увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори и за пријавување за гласање на државјаните кои живеат и работат во странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top