| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ чекор пред другите

-Слоганот е само дел од кампањата, која, пак, мора добро и стратегиски да се изигра. Тоа му успеа на Никола Груевски во 2006 година со слоганот „Преродба“. Со тој слоган ВМРО-ДПМНЕ, која тогаш беше во опозиција, ја нагласи целата ситуација. Груевски во 2006 година кажа доста е! Македонија стои! Време е за преродба на Македонија, да ја смениме Македонија. Ова не е добро, нудам нешто подобро – вели хрватскиот стручњак за политичка комуникација, Крешимир Мацан

Politika-slogani-81-1

Слоган, кампања, план – тоа е тоа на кое се концентрирани политичките партии во предизборието. Јасен, конкретен, интересен слоган што лесно се памети, но притоа да ја има вистинската порака и да погоди во целта. Каде треба да биде насочен слоганот?

– Слоганот на една политичка партија треба да биде базиран на детално истражување и проучување на потребите на потенцијалната група гласачи. За една порака да биде ефективна и да донесе гласови таа апсолутно мора да кореспондира со размислувањата и со потребите на целната група. Има партии што, навистина, инвестираат во овој процес и најчесто тие и победуваат на изборите. Има и такви што имаат добар слоган, но, за жал, тој не е базиран на потребите на нивните гласачи и резултатот на изборите најчесто е поразителен за нив – велат домашните стручњаци.

Politika-slogani-81-2

Сепак, тие сметаат дека слоганот не е пресуден и е само дел од една кампања. Кампањата е таа што треба да се води стратегиски, вклучувајќи го и делот пред кампањата.

– Слоганот е само дел од кампањата, која, пак, мора да се изигра добро и стратегиски. Тоа му успеа на Никола Груевски во 2006 година со слоганот „Преродба“. Со тој слоган ВМРО-ДПМНЕ, која тогаш беше во опозиција, ја нагласи целата ситуација. Груевски во 2006 година кажа доста е! Македонија стои! Време е за преродба на Македонија, да ја смениме Македонија. Ова не е добро, нудам нешто подобро – вели хрватскиот стручњак за политичка комуникација, Крешимир Мацан.

Слоганите за претстојните избори

 

Politika-slogani-81-vmro-dpmne-logoВМРО-ДПМНЕ

Македонија е изборот 

 

Politika-slogani-81-sdsm-logoСДСМ

Македонија заслужува претседател

 

Politika-slogani-81-grom-logoГРОМ

Храбро за Македонија

 

Politika-slogani-81-vmro-np-logoВМРО-НП

Европа сега

 

Politika-slogani-81-dui-logoДУИ

Подготвени сме

Овој стратегиски пристап во кампања, според Мацан, му носи многу поени на Груевски. Груевски, додава тој, работи според рекламната кампања на хрватскиот премиер Иво Санадер. Сега истата кампања ја спроведува новиот мандатар на српската влада, Александар Вучиќ.

– Груевски со стратегијата што ја спроведе успева да се стави во позиција и да нема резултати, да може да влијае врз јавноста – коментира Крешимир Мацан.

Politika-slogani-81-3

И македонските стручњаци велат дека ВМРО-ДПМНЕ има најкомплетна рекламна стратегија:
– Секој што работи во односи со јавноста ќе ви каже дека, од професионална гледна точка, ВМРО-ДПМНЕ секогаш има најкомплетна стратегија за односи со јавноста. Стратегија што им носи гласови и која ќе им носи победнички гласови уште многу долго време. Нивниот слоган „Избери дела“ совршено ја одразува сликата што партијата сака да ја имаат гласачите за неа и каков таква им донесе апсолутна победа на изборите. Владејачката партија и со сегашната кампања и слоган – „Македонија е изборот“ е чекор пред другите. Сериозно ја има сфатено моќта на односите со јавноста и многу добро го разбира своето гласачко тело.

 

Слоганот влијае на малкумина

Тие партии што инвестираат во истражување секогаш имаат поголеми шанси за победа од тие што копираат стратегии за односи со јавноста од други земји и политички партии. Ние сме многу специфична земја. Американските стратегии не поминуваат тука. Друга работа е тврдоглавоста на некои политичари и неприфаќањето сугестии од нивните тимови за односи со јавноста, што на крај резултира со континуирано губење на изборите. Политичарите мора да бидат подготвени да прифатат совет од своите тимови за односи со јавноста. Без прифаќање и спроведување на стручните совети,  нема политичар што би можел да победи на избори.

Со чисти раце – добро

„Со чисти раце“ – ова е слоганот на кој се сеќаваат поголем број од македонските граѓани. Слоган што се употребува и денеска иако беше дел од кампањата на Петар Гошев и на Демократска партија во 1994 година. Стручњаците велат дека е многу интересен слоган и кампања.

– Совршена за времето во која е на­правена. Можеби и последната иновативна политичка кампања на либералите – коментираат тие.

Како кампања што се памети е и таа – „Не гласајте за Мила“ во 2009 година, кога Мила Искреновиќ се кандидираше за градоначалник на Карпош.

Тогаш Ранко Петровиќ, братот на Мила, која ја подготвуваше кампања, изјави:

– Мила воопшто не знаеше каква кампања ѝ подготвуваме. Јас сум тој што е одговорен за рекламните паноа и за претставувањето. Со „Немојте да гласате за Мила“ – целта ни е да внесеме духовитост во кампањата. Таков е менталитетот на граѓаните на Карпош. Мила е архитект, чесен човек, професионалец, не е припадник на ниту една политичка партија, има работно искуство во Швајцарија – зошто ни се такви луѓе?! Тоа е Мила, па граѓаните нека решат. Ние сакаме секој да размислува сам што е најдобро за неговата општина.

Но колку тие слогани се пресудни, односно колку слоганот на партијата има влијание кај Македонците пред да се решат за кого да го дадат својот глас?

– Воопшто не ме интересираат слоганите. Не памтам ниту еден слоган – вели една млада скопјанка, која ја анкетиравме пред трговскиот центар Бисер.

– Не следам многу политика и ретко кога некој слоган влијае на мене и на мојата одлука. Воопшто не ги слушам слоганите и не ја толкувам пораката што ја испраќаат. Единствено впечаток ми остави „Со чисти раце“ на Петар Гошев, иако тогаш бев многу млада и немав право на глас – коментира една триесетгодишна скопјанка.

– Паметам неколку слогани, како „Преродба за Македонија“ и „Остваруваме“. Од времето се сеќавам на слоганот „Со чисти раце“. Слоганите влегуваат во уво, некои остануваат и се паметат со години, некои исчезнуваат по завршувањето на изборите. Некогаш повикот ни влијае да излеземе на избори, но не дека е пресуден за гласот – коментира една постара жена, која „Република ТВ“ ја анкетираше во скопски Аеродром.

Ни змија ни магаре – лошо

Имало многу лошо избрани слогани и слогани на кои, навистина, ретко кој или, поточно кажано, никој не може да им ја сфати ни поентата ни кон која целна група се стремат. Многу партии сметаат дека двосмислен слоган ќе ги направи посебни во изборната трка, но истражувањата покажуваат дека гласачите секогаш претпочитаат слоган што дава конкретна акција. Како еден од понесфатените слогани, стручњаците го издвојуваат – „Ни змија ни магаре“ на ЛДП.

Според стручњаците, кампањата може да влијае на само 25 проценти од избирачите.

– Нашите истражувања на Балканот покажуваат дека самата кампања во предизборието влијае на само 25 проценти од избирачите. Тие, можеби, имаат одредено мислење, симпатии кон некоја партија, но не се решени да излеза на избори. Самиот повик од партијата може да ги натера тој ден да излезат на избори и да гласаат – вели Крешимир Мацан.

Тој нагласува дека добриот стратегиски план и добрата кампања во предизборието ѝ носи поени на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај тоа, Мацан ја нагласува и позицијата што ја има Груевски, односно дека тој е на власт. Самите истакнувања на нешто што е сработено, како и кампањата против лидерот на опозицијата, Зоран Заев, упати јасна порака дека власта се подготвува за предвремени избори.

 

Досегашни слогани на партиите

 

Politika-slogani-81-vmro-dpmne-logo
ВМРО-ДПМНЕ

За промени
– парламентарни избори во 1998 година
Главата горе
– парламентарни избори во 2002 година
Преродба за Македонија
– парламентарни избори 2006 година
Преродбата продолжува
– парламентарни избори 2008 година
Реформите ќе победат
– парламентарни избори 2011 година
Избери дела
– локални избори 2013 година

 

Politika-slogani-81-sdsm-logo
СДСМ

Победа за Македонија
– парламентарни избори 1998 година
Една е Македонија
– парламентарни избори 2002 година
Државник – Бранко Црвенковски
– претседателски избори 2004 година
За твојата иднина се работи
– парламентарни избори 2011 година
Иднината сега
– локални избори 2013 година

 

Politika-slogani-81-ldp-logo
ЛДП

Има излез
– Ни змија ни магаре

 

Politika-slogani-81-vmro-np-logo
ВМРО-НП

Тука сме да ја кренеме Македонија на нозе

Иднина место судбина

Направи разлика

 

Politika-slogani-81-dui-logo
ДУИ

Заедно со вас – кон нови победи

 

Politika-slogani-81-dpa-logo
ДПА

Се стремиме кон запад
– парламентарни избори 2002 година
Дојдете со нас

 

(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top