Европскиот првак Хамбург го прегази силниот тим на Фуксе Берлин со 39-32 во меч од германското првенство, како загревање за реваншот против Вардар, в недела од 18.45 часот.
Противникот на „црвено-црните“ во осминафиналето на Лигата на шампионите наметна пеколен ритам против Фуксе и постојано водеше, најмногу со 10 гола разлика, 21-11. Ефикасно, атрактивно со поддршка од околу 9 илјади навивачи кои го направија најголемиот транспарент во историјата на клубот, Марковиќ, Дувњак и соиграчите го прегазија Фуксе.
– Имаме серија тешки натпревари, но покажавме дека сме максимално подготвени за предизвиците. Овој меч ни беше одлична увертира за главната престава во Лигата на шампионите против Вардар. Има многу елементи во играта што треба само да ги повториме и да го елиминираме македонскиот првак – изјави Жарко Марковиќ, поранешниот ракометар на Металург, сега во дресот на Хамбург.
Тој беше најефикасен со 9 гола, пред Дувњак со 7 и Ѓорѓиќ со 5. Првиот меч во Скопје меѓу Вардар и Хамбург заврши нерешено 28-28.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.