| четврток, 6 декември 2018 |

Чусудовски: Македонија да размисли дали ЕУ е решение

EU zname

Економски исплатливо ќе биде Македонија во иднина да ги обнови старите врски со државите кои гравитираат околу црноморскиот блок, Бугарија, Романија и секако Русија. Интеграцијата на евроазискиот регион во смисла на трговските односи ќе го поттикне економскиот раст во сите нив, изјави за програмата „Гласот на народот“, Мајк Чусудовски, аналитичар од Канада.

Според него, актуелната криза во Украина на површина извади неколку клучни дилеми за постоењето и суштината на Европската унија.

Кога станува збор за Македонија, вели, нема дилема, земјата има потенцијал оти е географски еден вид крстосница на повеќе цевководи и гасоводи и  во иднина може да има влијание во регионот.

– Македонија мораше да направи многу реформи, промени и приспособување кон состојбите, посебно откако излезе од заедничката федерација и сега треба да размисли да го стави под прашање односот со ЕУ, односно дали ЕУ е решение. Досега увидовме дека многу земји-членки на ЕУ заглавија во финансиска криза и мораа да воведуваат драстични мерки за штедење. Затоа, мора да се размисли како Македонија ќе продолжи натаму –  истакнува канадскиот аналитичар.

Според него, во моментов се случуваат клучни меѓународни промени, а очекува САД во иднина да го коригираат своето однесување и влијание во светот.

– Состојбите на шаховската табла се менуваат и САД мора да сфатат дека ќе дојде крај на нивната досегашна политика, еден вид мешање во различни држави како што беше Сирија поради различни интереси – вели Чусудовски.

Тој додава дека евентуални санкции кон Русија може да бидат контрапродуктивни.

– Русија и Кина меѓусебно тргуваат и Русија е таа којашто нуди минерални ресурси, а Кина е земја којашто извезува на Западот дури до 80 проценти облека, електронски уреди итн. Доколку Кина реши да го повлече извозот во САД, тоа би било катастрофално за „Волмарт“ и другите големи синџири коишто директно зависат од увозот на производи од Кина. Дали влијанието на САД ќе ослаби  и како ќе влијае на Русија и нема некое многу големо значење бидејќи Русија и Кина меѓусебно соработуваат и имаат ресурси, способности и алтернативи, така што Западот и не им е многу потребен – вели во интервјуто Чусудовски.

Тој смета дека во моментов има една сериозна ситуација и нарушување на безбедноста во Источна Европа поради експанзијата на НАТО кон истокот, а се случува и милитаризација на црноморскиот регион што е еден вид враќање на Студената војна од минатото. Тоа што Русија не е веќе во Г-8 за него не е некаков голем проблем.

– Тоа е неформално друштво коешто нема никаков авторитет на носење одлуки и ги решава меѓусебните прашања на членовите. На почетокот постоеше само Г-7, меѓутоа, Борис Јелцин се побуни зошто не беше поканет, па потоа стана Г-8. За жал, Г-7 или Г-8 беше добра можност зад затворени врати да се решат прашањата коишто во моментов ја тиштат светската политика, посебно состојбата со Путин – да се разговара со него и да се решат актуелните прашања, меѓутоа Западот не сакаше никаков разговор – вели Чусудовски.

За Борис Јелцин вели дека бил инструмент на САД и тоа се видело и преку јасниот колапс на Советскиот Сојуз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top