Тимур Дибиров експресно стана миленик на навивачите на Вардар, а со игрите ги освои срцата на сите љубители на спортот во Македонија.
Сезонава левото крило на „црвено-црните“ преживеа неколку инциденти и повреди, а последната по дуелот со Паскал Хенс беше најстрашна. Германскиот репрезентативец без намера го повреди Дибиров, а настрада окото. Рускиот ас загуби и свест на теренот, но, за среќа, нема посериозни последици иако, како што вели, краток период воопшто не гледал ништо. Претходно двапати Тимур беше погоден со тврд предмет од навивачите на Вардар, но цврстото момче од Петрозаводск го надмина и тоа.
– Тоа што ми се случи воопшто не е убаво, но ова е спорт и нормално е да се случуваат такви работи. Во првите моменти по судирот со Хенс не гледав ништо, и тоа многу ме загрижи, но кога почна да дејствува терапијата, видот полека ми се врати во нормала. Првата ноќ имав големи болки, но сега гледам најнормално, се чуствувам одлично и веќе не ме боли окото. Жалам што не можам да му помогнам на Вардар на реваншот во Германија. Но, најважно е дека сѐ помина како што треба и не му давам никакво значење на тоа што се случи, туку се фокусирам на идните настапи – вели Дибиров.
Паузата за него ќе биде околу 3 седмици, а, очекувано, ќе го пропушти реваншот во Хамбург од осминафиналето во Лигата на шампионите закажан за в недела од 18.45 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.