| четврток, 6 декември 2018 |

Ѕвезда Ангеловска: Во театарот сме најгласни со вистината, најточни со визијата!

Автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот – 27  март е актерката и режисерка Ѕвезда Ангеловска од Македонскиот народен театар во Скопје.

Пораката на Ангеловска гласи „Не постојат само зборови. Не постојат само мисли или вистински емоции, не постои само движење, придвижување, летање или сон, не постојат само теории за театар, за тоа каков треба да биде или не – туку постои еден пат и само тој останува, сѐ друго заминува.
Патот до театарот. Да тргнеш. Да тргнеш сам со себе, без никого, без ништо, да тргнеш и да ја бараш вистината.
Вистината, меѓу многуте лаги, каде го бараш единственото, за тебе најблиското…
Дајте си мир во сиот немир, дајте си слобода, дајте си го најголемото признание за себе и побарајте ги другите, другите во театарот, покажете им ја најголемата почит, љубов и внимание, бидете секогаш човек, несовршен, но свој.
Човек без човек не може, и тоа не за да се покаже знаење и умеење, туку за да се заборават сите граници на веројатното, да се надминат сценските навики и фаталните неизбежности на професионализмот, за да почне да пулсира нешто живо, да се роди нешто ново, нов живот, ново дело.
Прифатете го најтешкиот товар од театарот – за себе. Прифатете ја одговорноста -повторно за себе, не оставајте ја никогаш на другите.
Не бидете затекнати од убавината на играта на сцената, туку играјте и само играјте, не престанувајте, како и во животот, не барајте станица каде да застанете, туку барајте повторно од каде да тргнете.
Каде и да сме, во овој современ свет, никој не може да не скрие во Театарот, зашто таму си го даваме сопственото право да бидеме најгласни со вистината, најточни со визијата…
Јас гледам Театар – секаде, во секое општество, секоја култура, во секоја уметност. Јас гледам Театар – секогаш.
И не сакам да го замрзнам како фотографија, за да го чувам како убав или лош спомен, туку сакам да го барам, заедно со другите трагачи, за да живее, дише со секој неповторлив миг, без страв, да се соочам со сите предизвици, да се соочам со непознатото, со себеси, за да биде препознаен или не од другата страна.
Пријатели, колеги, вљубеници на Театарот, залудни би биле сите напори за да ја разоткриеме неговата тајна, залудни се и овие мои мали зборови за да се запрашаме или замислиме што сакаме од себеси во него.
Единствено ни преостанува да го признаеме, не само со рефлекторите или другите магични средства, туку длабоко во срцето, нека ни затрепери, па макар и да боли – Патот до него.
Да не ја отвораме неговата врата ако не сме подготвени за тоа, за да не се лажеме дека таа ни се отворила нам. Да дојдеме до неа, да се поклониме, но не од понизност, маленкост, љубезност или безмерна почит, да се поклониме денес, сите, мислам оние најмалубројните, сите оние кои веруваме во Театар.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top