На претстојните претседателски избори закажани за 13 април право на глас ќе имаат 1.779.572 гласачи запишани во единствениот избирачки список. ДИК денеска го заклучи избирачкиот список откако ги доби и последните информации за бројот на гласачите од Државниот завод за статистика.
Претседателот на ДИК, Никола Рилковски, соопшти дека во посебните избирачки списоци се запишани 1.707.228 гласачи, на привремена работа во странство се 70.305, а од нив 8.332 се пријавиле да гласаат во дипломатско-конзуларните претставништа.
И тоа во избирачката единица 7, што ги опфаќа европските земји и Африка, се пријавени за гласање 5.892 македонски државјани, во изборната единица 8 – Америка и Латинска Америка – 1.426 и во изборната единица 9 – Азија и Австралија – 1.014.
Членовите на избирачките одбори (294) ќе гласаат на избирачко место во ДИК пред заминувањето во македонските ДКП-еа. Во избирачкиот список се запишани и 39 внатрешно раселени лица, а на 12 април на ден пред изборите ќе гласаат и 1.706 затвореници.
Рилковски соопшти дека на 13 гласачки места во странство нема да се одржи гласање бидејќи таму се пријавиле помалку од 10 македонски државјани за гласање, и тоа во Каиро, Атина, Доха, Талин, Варшава, Солун, Будимпешта, Тел Авив, Москва, Мадрид, Киев, Осло, Њу Делхи. Своето право на глас нема да го остварат и 40 македонски државјани кои се наоѓаат на привремена работа или престој во странство.
Потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи, рече дека за гласање се пријавиле и 61 лице, македонски државјани со престој во странство кои не биле во избирачкиот список, а ги исполнувале сите услови за гласање.
Јавниот увид во избирачкиот список за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на вториот круг од претседателските избори, односно на 27 април треба да заврши до 30 март на денот на одржувањето на овие избори. На избирачките места ќе има по два избирачки списока, еден за претседателските избори и друг за предвремените парламентарни избори.
Ова произлегува од фактот што граѓаните имаат можност да направат двапати увид во избирачкиот список, еднаш за претседателските и вторпат за предвремените парламентарни избори, а исто така македонските државјани кои престојуваат или работат во странство имаат можност да се пријават за гласање.
Од ДИК информираат дека е зголемен бројот на пријавени граѓани со престој во странство во споредба со оние кои гласаа на локалните избори, но оти исто така очекуваат зголемување и на бројката на гласачи од дијаспората за предвремените парламентарни избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот



