| четврток, 6 декември 2018 |

Станиќ: Ваквите победи влегуваат во историјата (видео)

Македонскиот претставник во Лигата на шампионите, Металург, забележи голема победа од 23-17 против Колдинг, во првиот осминафинален меч во Скопје. Дарко Станиќ беше херојот на големата победа на Металург против фаворитот од Данска. Станиќ го заврши натпреварот со 15 одбрани. За Република изјави дека ваквите победи влегуваат во историјата.

Уште е рано да се зборува. Сите сме под еуфорија и адреналин, но она чувство кое остана синоќа е навистина фантастично. Ваквите натпревари влегуваат во историјата на нашите кариери, заземаат посебно место. Навистина е фантастично чувството.

stanik

Дали судењето на судиите, кое многумина го оценија како наклонето кон Колдинг, беше дополнителен мотив за тебе?

Разбирам дека сите се малку субјективни и дека му посакуваме најдобро на Металург, меѓутоа имаше неколку одлуки против нас, но не беше толку лошо судењето, едноставно тоа што ни смета е последниот наш напад, фаулот над Ѓоргиевски, навистина беше за црвен картон. Но, и судиите ја признаа грешката дека не ја процениле ситуацијата најдобро, но, сепак, тоа не беше мојата мотивација или на кој било играч. Вистинската мотивација која излегуваше од нас е да направиме една фантастична атмосфера, да се поврземе со публиката, сите да се забавуваат и со таа атмосфера да направиме еден притисок на играчите на Колдинг.

Какви се очекувањата се реваншниот натпревар?
Го направивме тоа што го сакавме, имаме една солидна предност пред реваншот, така што сме оптимисти за поминување натаму и за повторување на успехот од минатата година. Меѓутоа, доволно сме искусни за да знаеме дека предноста од шест гола, па дури и да беше поголема, не значи дека сигурно ќе поминеме натаму. Знаме како одат тие работи, имаме искуство, на самиот почеток на квалификациите против Сегед имавме предност од 9 разлика, отидовме на реваншот, а таму беше вистинска лудница. Сега ќе ни биде уште потешко, но нема само нам да ни биде тешко, и на Колдинг нема да му биде лесно.

metarurg-danci-11

Со оглед дека ова е трета сезона во ЛШ, дали реномето на Металург е на повисоко ниво?

Ние нашето реноме го направивме уште првата година, ние бевме еден вид изненадување, но многу бргу се слушна и екипите ја осетија нашата сила. Она што е многу битно е дека научивме да играме добри натпревари и на гости, направивме еден вистински темел на екипата која оди на висок пласман, така што по првата година, а и сега по победата над ПСЖ и над Барселона, сите не гледаат со голема почит.

Како се подготвуваш пред натпревар?

Секој од нас поинаку се подготвува за натпреварите, доволно сме искусни, имаме доволно натпревари зад нас, играчите од првиот тим се изградени и секој знае како сам да се подготви за вакви натпревари, секој знае што му треба. Јас последната недела точно знам колку да дадам на тренинзите, што ми треба, што ми недостига. Поважно е психички да бидете подготвени отколку физички за да се подготвите за важни натпревари.

Разговараше: Владо Оцевски
Видео: Жан Лекоски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top