| четврток, 6 декември 2018 |

Скопските мечеви го понудија најдоброто, Вугринец, Дибиров и Шредер во идеалниот тим (видео)

Двата ракометни спектакли одиграни викендов во Скопје го понудија најдоброто од овој спорт, а дури тројца играчи што учествуваа на дуелите Вардар – Хамбург и на Металург – Колдинг се во иделаниот тим на првата осминафинална рунда.

Тимур Дибиров блескаше во саботниот дуел меѓу македонскиот првак Вардар и европскиот шампион Хамбург и со 9 гола го заслужи местото најдобро лево крило во тимот на колото. За жал, рускиот репрезентативец се повреди во дуелот со Паскал Хенс и нема да игра во реваншот во Германија.

Може ли подобро од врвната претстава на 39-годишниот Ренато Вугринец против Колдинг, секако во дресот на Металург. Неделната претстава на ракометниот маестро против Данците ретко се гледа на ракометните терени. Вугринец постигна 13 гола, најмногу од сите ракометари што играа во првите мечеви од осминафиналето и сосема заслужено тој е најдобриот десен бек во ова коло.

Место во идеалната седумка има и за германскиот репрезентативец Шредер, кој одигра брилијантен меч за Хамбург против Вардар. И тој постигна 9 гола како и Дибиров, за пополнување на крилните позиции во тимот од соништата.

Најдобар голман на првата осминафинална рунда е Шмал од Кјелце, Јуркевич од Висла Плок е најдобар лев бек, Скубе од Велење е број 1 на позицијата среден бек, а Ренато Сулиќ од Веспрем е најдобар пивот.

Видеото можете да го погледнете овде.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top