Стевчо Јакимовски, Драгиша Милетиќ, Слободан Угриновски и Кире Гештаковски денеска официјално ја објавија својата предизборна коалиција за претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори.
– Денеска ја обзнануваме коалицијата ГРОМ, составена од Граѓанската опција за Македонија, Српската напредна странка во Македонија, Сојузот на Титови леви сили и Партијата на слободни демократи. Ова е практично третата опција во Македонија, а станува збор за партии што веќе имаат заедничко искуство од минатите изборни циклуси. Разговараме и со други политички партии и невладини организации кои очекуваме да ни се приклучат на коалицијата – рече на денешната прес-конференција лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски.
Претседателот на Сојузот на Титови леви сили, Угриновски, нагласи дека партијата пронашла идеолошки совпаѓања во коалицијата ГРОМ и изрази очекување дека оваа коалиција ќе постигне значителен успех на изборите што следуваат.
Според изјавата на лидерот на Српска напредна странка во Македонија, Милетиќ, оваа коалиција не е изненадување.
– Ние остануваме доследни и натаму продолжуваме во коалицијата ГРОМ зашто во поглед на националноста и верската припадност оваа опција им носи добро на сите граѓани – изјави Милетиќ.
Кире Гештаковски, претседателот на Партијата на слободни демократи, истакна дека имаат одлични позитивни искуства од коалицирањето на минатогодишните локални избори, но и идеолошките определби им биле речиси идентични.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



