
Едни од најомилените артисти и уметници на охридската публика се битолските, велат од Центарот за култура „Григор Прличев“, од каде најавуваат дека добрата соработка која ја имаат со Битолскиот народен театар, здруженија и самостојни уметници ќе продолжи и во иднина.
Вечерва за прв пат пред охриѓани како тетатарски ансамбл со претставата гостува студиото „Солза и Смеа“. Комедиите и воопшто претставите се најпосетени и најпопуларни кај помладата публика, која е презаситена од наметнатата западна култура и повеќе сака природен хумор.
Драмското студио „Солза и смеа“ се познати на охридската публика, но за прв пат гостуваат со претстава во нивна продукција. Формирани се во 1996-та година, а во студиото членуваат професионални актери, но и актери ентузијасти кои работат пред се на проекти со хумористична содржина. Хуморот кој го презентираат битолските актери е многу поразличен од црниот хумор и навредливите хумористични проекти, со кои е преоптеретена медиумската јавност.
– Овој хумор кој го презентираат „Солза и смеа“, е многу интересен посебно за помладата публика, но и за сите генерации. Се работи за еден хумор кој што е широко прифатен и кој релаксира. Без некои навреди, без асоцијации за социјалната положба, туку е хумор кој ја расположува публиката. Претставата има еден препознатлив битолски шмек, кој е прифатлив за публиката, вели директорката на центарот за култура Драгана Боцеска.
Пред неколку месеци во Охрид се прикажуваше документарниот филм, со хумористична нота „Патот не кенгурите“, кој го снимаа токму актерите од „Солза и смеа“. Исто така чест гостин комичар од Битола пред охриѓани е и стенд-ап комичарот Марјан Георгиевски, кој досега неколку пати гостувал во Охрид.

Што се однесува до останатите артисти и уметници кои доаѓаат од Битола, квалитетот кој го нудат говори самиот за себе во однос на посетеноста. Битолските музичари особено се ценети меѓу охриѓани, па секој концерт за било каква музика да станува збор е меѓу попосетените.
Досегашната соработка со битолските актери од Народниот театар, е само почеток на една взаемна приказна за понатамошна размена на проекти и гостувања.
– Ние доста соработуваме и со Битолскиот театар. Планираме повторно да ги поканиме. Секако дека соработка има и со останатите уметници кои работат, без разлика дали се музичари, сликари, фотографи, додава Боцеска.
Во Центарот за култура во соработка и организација на Центарот за културен проток „АРТерија“, утревечер повторно битолската уметност, но овој пат фотографската, ќе биде поставена пред охридсската публика.
Извор: Супер радио
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


