
Дваесетдневната кампања за претседателските избори закажани за 13 април започнува утре. Претседателските кандидати на овие петти избори за шеф на државата се актуелниот Ѓорге Иванов, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА.
ВМРО-ДПМНЕ претседателската кампања ќе ја започне во Охрид, од каде редовно ги започнува своите изборни активности. За време на кампањата за претседателските избори и скратената за пет дена за предвремените парламентарни избори, партијата ќе одржи повеќе митинзи, како и мали митинзи и средби со граѓаните од целата држава. Иванов денеска во Скопје ќе ја претстави својата програма за претстојните избори.
На Конвенција во Универзалната сала во Скопје СДСМ утре ќе го промовира претседателскиот кандидат Пендаровски. Од опозициската партија велат дека овој пат кампањата ќе биде поинаква од претходните и дека повеќе ќе се фокусираат на средби со граѓани, но оти ќе има и митинзи. Застапени се и на интернет, а ги користат и социјалните мрежи.
ГРОМ и кандидатот за претседател Зоран Поповски кампањата ќе ја почнат во Лептокарија, во Општина Карпош во Скопје, каде во 19 часот ќе одржат голем централен митинг. Партијата, како што велат, ќе води исклучиво позитивна кампања, без навреди и говор на омраза. Застапени ќе бидат сите форми на комуникација со граѓаните. Поповски, а потоа и носителите на листите за предвремени избори ќе имаат свои фан страници на Фејсбук, твитер профили…
Од ДПА исто така најавуваат друг тип на кампања, со повеќе средби со граѓани и без масовни митинзи. Како што велат, повеќе ќе се оди на принципот од врата до врата. Нивен кандидат е Илјаз Халими, кој утре во 18 часот заедно со своите сопартијци ќе ја претстави својата платформа на митинг во скопски Чаир.
Првиот круг на петтите претседателски избори ќе се одржи на 13 април, додека вториот круг од изборите на 27 април, за кога се закажани и предвремените парламентарни избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


