
-Со цел да се овозможи учество на опозицијата и измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, локалните избори се одложуваат за месец дена, и ќе се одржат на 28 април и второ, ако на тие избори советничките листи на „Сојузот на иднината“ освои барем еден глас повеќе од колицијата околу ВМРО- ДПМНЕ, ќе има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 29 септември. Не СДСМ, не ВМРО- ДПМНЕ, не јас, не Никола Груевски, туку граѓаните со својот глас да одлучат дали ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори- изјави Црвенковски кој на денешната прес- конференција го соопшти последниот предлог на СДСМ за разрешување на политичката криза.
– Ако Никола Груевски го прифати овој наш последен предлог, во тој случај, пратениците на опозицијата ќе се вратат во Собранието- изјави Црвенковски. Во спротивно, рече тој, ако не биде прифатен нивниот услов, целокупната одговорност за политичката криза ќе биде на власта.
Тој кажа дека во изминативе 20 дена за разрешување на политичката криза доаѓале предлози од повеќе страни на, како што рече, едно дискретно ниво, но сите биле одбивани од Груевски.
– Доколку биде прифатен нашиот предлог и без ралика на исходот од локалните избори, јас уште еден мандат на чело на партијата нема да барам- рече Црвенковски, прашан дали има намера да се повлече од лидерската позиција ако СДСМ ги изгуби изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


