Вардар денеска против Хамбург и Металург в недела со Колдинг ќе се обидат уште еднаш да го одбранат скопскиот ракометен бастион „Борис Трајковски“, сала во која двата македонски претставници не беа поразени сезонава во ниту еден меч од Лигата на шампионите. На ред се двата скопски дуели во осминафиналето од ЛШ, а реваншите се играат една недела подоцна во Германија и во Данска.
Гостуваа и големците од калибарот на Барселона и богатиот Пари Сен Жермен, потоа и Тун и Динамо Минск, и ниту една од тие 4 екипи не успеа да победи и тоа во два наврати, бидејќи домаќини им беа и Вардар и Металург. Точно 8 натпревари, не сметајќи ги меѓусебните дуели на двете македонски екипи, скопската тврдина не успеа никој да ја урне.
Вардар ќе има многу тешка задача денеска од 18 часот, а треба да се сопре европскиот првак Хамбург. Гостите знаат каде доаѓаат, велат дека го респектираат и Вардар и пеколната атмосфера што ја прават неговите навивачи, но и дека ќе одат на победа. Хамбург е непоразен во 2014 година, има 8 победи и едно реми, а особено е опасен заради германскиот менталитет.
Германците немаат проблем со притисок од трибините, дисциплината им е бепрекорна, секогаш имаат победнички менталитет и се психофизички неверојатно добро подготвени. Така е во сите спортови, иако кај Хамбург има и балкански шмек. Токму Хрватот Домагој Дувњак кој е избран за најдобар ракометар за 2013 година е еден од големите адути на ХСВ.
„Очекувам да биде многу тежок натпревар против Вардар. Знаеме што не чека овде, и поради тоа добро се подготвувавме. Публиката во Скопје е неверојатна, но се надевам дека ќе избориме позитивен резултат, кој ќе ни ја олесни работата на реваншот во Германија. Мислам дека Вардар е одлична екипа, покриена на секоја позиција со квалитетни ракометари. Во таква ситуација мора да бидеме подготвени за борба во текот на сите 60 минути” – изјави Дувњак за клупскиот сајт на Вардар.
Ако Вардар успее да остане непоразен, на ред во одбрана на серијата без пораз на скопскиот бедем утре ќе биде Металург во дуелот со дански Колдинг.
Гостите имаат одличен тим, а ќе го имаат на располагање и Јоаким Болдсен познатиот дански репрезентативец. Се очекуваше тој да не настапи во двомечот со Металург, по повредата на коленото, но ќе биде во строј и ќе настапи утре од 16,55 часот.
“Патувам во Македонија и ќе настапам на неделната средба. Болките што ги чувствувам не се со толкав интензитет и јас се надевам дека ќе можам да ги одиграм сите 60 минути. Не чека тежок натпревар и на тимот му е потребна сета можна поддршка. Металург ќе има силна поддршка од својата публика, иста каква што ќе имаме и ние дома. Металург ги совлада Барселона и Пари Сен Жермен што потврдува дека се работи за одлична екипа, која може да се натпреварува со најсилните европски состави. Очекувам возбудлив и неизвесен натпревар“, е изјавата на Болдсен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


