Најмалку седуммина војници, лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, и 17 бунтовници загинаа денеска во Сирија при обид на три исламистички групи, меѓу кои и Фронтот Ан Нусра, да преземат граничен премин со Турција.
– Фронтот Ан Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда, Шам ал Ислам и Ансар аш Шам водат жестоки судири во близина на граничниот премин Касаб на сириско-турската граница, кој е под контрола на сириските власти – истакна Рами Абдел Рахман, директор на Сирискиот центар за набљудување на човековите права.
Бунтовниците ги заземале набљудувачките позиции и неколку згради околу преминот, но се уште не се под нивна контрола. Тие заземале и еден соседен рид, од каде пукаат кон граничниот премин Касаб и алавитското населено место Карсана. Во судирите загинале пет лица, меѓу кои и едно дете.
Провинцијата Латакија е главно населена со алавити и се смета за бастион на режимот. Истовремено, сириската армија соопшти дека го преземала западниот дел на провинцијата Хомс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.