| четврток, 6 декември 2018 |

Венецијанска комисија: Референдумот на Крим е неуставен

venec kom

Уставни експерти од Венецијанската комисија на Советот на Европа денеска изјавија дека референдумот на Крим што се оддржа на 16 март е нелегитимен.

– Украинскиот Устав, како и уставите на другите држави-членки во Советот на Европа, ја утврдува неделливоста на земјата и не дозволува свикување локален референдум за одделување од Украина – посочуваат експертите од Европската комисија за демократија преку право, попозната како Венецијанска комисија.

Во Комисијата влегуваат 59 експерти по уставно право од 47-те земји од Советот на Европа и неколку други држави, вклучувајќи ги и САД.

Известувачите, меѓу кои беше и поранешниот полски премиер Хана Сухоцка, потенцираа дека согласно украинскиот Устав дозволено е само организирање консултативен референдум за поголема автономија.

Според експертите, ситуацијата на Крим не дозволила да се свика референдум во согласност со европските демократски норми, бидејќи за него претходно немало сериозни преговори меѓу сите заинтересирани страни.

Руската претставничка во Венецијанската комисија, Талија Хабриева, меѓутоа, го поддржа референдумот, потсетувајќи дека „многу нови држави се појавија во светот откако го обезбедиле ова свое право“. Притоа, Хабриева се повика на неколку историски случаи: како Тексас, кој во 1836 година се оддели од Мексико и во 1845 година се приклучи кон САД, потоа Еритреја, Бангладеш, а неодамна и Косово. 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top