Украинските власти го уапсија претседателот на управата на државна енергетска компанија „Нафтогаз Украина“, Евхен Бакулин, во рамки на истрагата за корупција во гасниот сектор, соопшти денеска на својот профил на Фејсбук министерот за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков.
Во соопштение на Министерството за внатрешни работи на Украина, што го пренесува ИТАР-ТАСС, се вели дека се водат три одделни истраги за корупција во гасниот сектор, во кои се нанесени штети на државниот буџет во вредност од околу четири милијарди долари.
Аваков забележува дека „ова не е целосниот список на сомнителните шеми и операции“, што им го привлекле вниманието на украинските истражни служби.
Министерот ги предупреди политичарите да не интервенираат во истрагата и изјави дека ќе реагира „цврсто и јавно“ на сите обиди да се изврши притисок врз истрагата.
Претходно денеска припадници на правосудните органи од централаната канцеларија на „Нафтогаз Украина“ во Киев изнесоа документи.
Националната акционерска компанија „Нафтогаз Украина“ ги спроведува сите операции за истражување и обработка на наоѓалишта, експлоатација и сондирање, транспортирање и чување на нафта и гас, како и за испорака на гас до потрошувачите.
Бакулин (57) во 2010 година беше назначен за главен извршен директор на „Нафтогаз“ по изборот на Виктор Јанукович за претседател на Украина. Пред тоа, во 2007 година, тој бил назначаен на истата функција, во време кога премиер на Украина беше, исто така, Јанукович. Следната година Бакулин беше принуден да поднесе оставка, откако на чело на Владата застана Јулија Тимошенко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.