| четврток, 6 декември 2018 |

Операција „Аполон“: Осумчлена група крадела артефакти и икони со непроценлива вредност

apolon6

Осумчлена група, меѓу кои и бугарски државјанин, се уапсени во големата полициска акција што вчера се водеше под оперативно име „Аполон“ во неколку градови во земјата. Акцијата, според МВР, е продолжение на претходно спроведената полициска операција што се водеше под името „Фаланга“.

apolon1

Истрагата на полицијата, која траела повеќе од 15 месеци, утврдила дека од почетокот на 2013 година од археолошки локалитети на територијата на валандовско-гевгелискиот регион и на други локации на територијата на Р. Македонија групата вршела нелегални ископувања на предмети со културно-историска и археолошка вредност, кои потоа ги присвојувале и илегално ги продавале во странство. Меѓу вредните предмети имало и икони со непроценлива вредност.

apolon2

Првоосомничениот на почетокот на 2013 година, формирал криминална група во која секој член имал точно определена цел и улога. Со илегалните ископувања, во кои биле оштетени и уништувани археолошките локалитети, присвојувале предмети кои ги продавале во земјава а потоа требало илегално да се изнесат од државата.

apolon3

 

Покрај археолошки и историски предмети, членовите на криминалната група нуделе на продажба и икони за кои постојат основани сомневања дека потекнуваат од извршените кражби од повеќе цркви на територијата на Р.Македонија.

apolon4

Неговиот најблизок соработник бил одговорен за посредување при продажба на археолошките предмети, а останатите шест припадници на криминалната група биле задолжени на подрачјето на Валандово и Гевгелија да организираат помали групи од лица кои ги вршеле нелегалните ископувања.

Вчера биле извршени се претреси на куќи и други простории на 7 локации во Гевгелија и на по една ликација во Струмица и Валандово, при што се пронајдени  2 икони, 9 различни археолошки фигури, 3 фибули, 6 парчиња-делови од накит, 17 метални парички, 2 керамички садови, 1 скенер со мала и голема сонда со камера, 1 метал детектор, 10 разни метални сонди, 3 тефтери со записи и скици од археолошки локации, 34 листови со записи и скици од археолошки локации, 11 разни мапи, 12 фотографии од артефакти, 3 цедиња со артефакти, 2 компјутери, 4 лаптоп компјутери, 17 мобилни телефони, 17 СИМ картички, 7 држачи за СИМ, 5 УСБ и мемориски картички, 3 хард дискови, 7 имотни листови, 21 уплатница, 1 пиштол, 2 револвера, 1 пушка, 1 рамка за пиштол, 1 оптички нишан, 722 боеви куршуми со различен калибар, 94 парчиња ловна муниција-патрони, парцирнопробојни куршуми: 1 со калибар 12,7 мм и 10 со кал.7,62, 25 зрна од куршуми, 27 вежбовни патрони, 2 ПМВ, 1 моторцикл, 1 фотоапарат и 4 банковни картички.

Против осумината членови на групата кои биле на возраст од 46 до 63 години, поднесени се кривични пријави за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“, „Тешка Кражба“, „Оштетување или уништување културно наследство“, „Отуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост“, „Прикривање“ и „Помагање“.

Предметите пронајдени при претресите, ќе бидат предадени за понатамошно вештачење и стручна идентификација, а од страна на надлежните организациони единици на МВР во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе се продолжи со понатамошно превземање мерки и активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top