Вистинска ракометна војна меѓу два тима што играат одлична одбрана го очекува македонскиот вицешампион Металург против Колдинг во осминафиналето од Лигата на шампионите. Двомечот ќе почне во Скопје, задутре од 16.55 часот, а финалето е во Данска на 30 март.
Металург сака со успех да го прослави хет-трикот од едноподруго настапи во завршницата на реномираното натпреварување. Лани беше постигнат историски успех со пласман во четврт-финалето, а само еден чекор, односно полскиот тим на Кјелце беше пречката за настап на завршниот турнир во Келн.
„Во групата на смртта со победи против Барселона и ПСЖ докажавме дека заслужено сме во осминафиналето на Лигата на шампионите. Сакаме да го потврдиме квалитетот и со добар настап во двомечот со Колдинг на еден начин и да им се заблагодариме на нашите навивачи за фанатичната поддршка во текот на целата сезона. Податокот дека експресно се распродадоа билетите е потврда за квалитетот на Металург.
Нема да ни биде лесно со Колдинг, имаат одлични ракометари со медали на големите натпреварување во своите репрезентации. Го имаат Спелерберг, Рокас, Карлсон, покриени се одлично на сите позиции и знаеме дека ќе биде тешка битка. Ќе мора да дадеме сѐ од себе и над можностите, ракометарите да се трудат максимално, ако треба да се фрлаат по секоја топка на паркетот за да успееме.
– Нѐ мачат и проблеми со повреди. Го немавме потполно здрав Атман во текот на целата сезона бидејќи игра повреден, потоа и Циндриќ и Мојсоски, но нема потреба да бараме алиби. Како и секогаш, ќе играме за себе, за навивачите, за цела Македонија и, секако, се надеваме на успех – изјави Лино Червар.
Филип Миркуловски, како и секогаш, треба да биде еден од главните двигатели во играта на „сините“ од Автокоманда, а средниот бек вели дека со публика каква што има Металург, лесно е да се игра.
„Веќе трета сезона играме во завршната фаза од ЛШ, а се надеваме дека ќе го повториме ланскиот успех со пласман во четврт-финалето. Посакувам да не го разбраниме Хвид, кој е одличен голман. Верувам дека повторно ќе имаме прекрасна атмосфера, позитивна, како што знаат да ја направат навивачите, за заедно да прославиме уште еден успешен настап на Металург – изјави Миркуловски.
Интересно е што сите билети што беа пуштени во продажба (околу 3 илјади) беа распродадени за само 17 минути, што потврдува дека Металург ќе има голема поддршка од трибините.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


