Тенисот останува еден од најпопуларните спортови на планетата, особено ако се рангираат индивидуалните спортови, а Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ, Марија Шарапова, сестрите Вилијамс и уште многу други познати светски тениски ѕвезди се високорангирани планетарни атлети според популарноста, парите, моќта и влијанието.
Една од најпопуларните спортски игри се развива правилно, благодарение на умешната стратегија на двете главни асоцијации, АТП и ВТА.
Потезите што веќе подолго време ги влечат челниците на Асоцијацијата на професионални тенисери (АТП) и на Женската тениска асоцијација (ВТА) се одлично смислени, а дел од тактиката е тенисот да се популаризира како посакувана игра на сите делови од Земјината топка. Атрактивни девојки што умеат опасно добро да играат тенис, од калибарот на Шарапова, Ивановиќ, Вознијачки, Бушар, Пенета, Хантукова… и врвни атлети со долг, но и здрав ривалитет од рангот на епските битки на триото Федерер, Надал и Ѓоковиќ, потоа и бранот нови таленти во двете конкуренции се само мал дел од развојот на тениската игра.
Значаен дел во обезбедување светла перспектива на тениската игра е и изборот на локациите каде се играат тениските турнири.
Еве го изборот на „Република“ на петте егзотични дестинации каде се одржуваат турнири од АТП и ВТА, со исклучок на четирите гранслем-турнири, Ролан Гарос, Вимблдон и отворените првенства на Австралија и на САД.
1
Дубаи (Обединети Арапски Емирати)

Бисерот на Персискиот Залив е вистинска мамка за најдобрите тенисери и тенисерки, а за изборот во петте најпосакувани и најегзотични тениски дестинации не може воопшто да се спори. Фасцинантен е податокот дека токму најдобрите играчи на денешницата во двете конкуренции, во последните 11 години десет пати го избираат турнирот во Дубаи за најдобар во годишните циклуси.
Од 1993 година се игра машкиот турнир во културниот и деловен центар на Средниот Исток, а осум сезони подоцна се приклучија и дамите.
Турнирот „Дубаи дјути фри тенис“ се игра во февруари на тврда подлога и припаѓа на категоријата мастерс 500.
– Кога тенисерите ќе изберат најдобар турнир, и тоа шест пати по ред, тогаш не треба да се трошат зборови за прекрасната организација и за условите што ги нуди Дубаи. И самото место е како рај на Земјината топка, а сето тоа одлично го дополнуваат луѓето што се грижат за тенискиот турнир. Кога играм во Дубаи, се чувствувам како да сум дома – изјави Новак Ѓоковиќ. За комодитетот што го нудат пребогатите шеици доволно говори фактот дека во Дубаи Шарапова, Ѓоковиќ, Федерер, Надал и останатите тениски ѕвезди за време на турнирот можат и да скијаат во огромниот вештачки ски-центар што е изграден во овој мегаполис на Средниот Исток.
Најуспешни учесници на турнирот: Роже Федерер со 6 титули и Жистин Анен со 4 шампионски круни.
2
Шангај (Кина)

Кина брзо напредува на економски план, а менаџерите од АТП и од ВТА уште поекспресно реагираа со одлука да му доделат на Шангај тениски турнир во машка конкуренција. Како тест дали работите ќе одат во вистинска насока, на организаторите им беше понуден тригодишен договор, па турнирот почна да се игра во 2005 година. Девет години претходно во Шангај имаше тениски турнир, но од многу помали размери и како пионерски обид и Кина, како земја со огромен потрошувачки потенцијал, да биде вклучена во стратегијата за пробив на тенисот на азискиот пазар. Сѐ потоа се движеше со неверојатна брзина, па Шангај, односно турнирот познат како „Шангај ролекс мастерс“, се етаблира меѓу најзначајните тениски настани. Препознатлив е по прекрасната арена „Ки Жонг“ со капацитет од 15 илјади седишта. Таа нуди услови какви што немаат ниту објектите во Мелбурн, Париз, Лондон и во Њујорк, каде што се играат четирите гранслем-турнири. Арената „Ки Жонг“ е впечатлива по прекрасниот подвижен покрив составен од осум челични панели во форма на магнолија, цветот што е симбол на Шангај.
Привлечноста на древната Кина, убавините на Шангај и трудот на организаторите на турнирот ги препознаа и најдобрите светски тенисери, па пет години по ред, од 2009 до 2013 година, токму овој турнир е број 1, во конкуренција на турнири од серијата мастерс 1000. Се игра во октомври на тврда подлога и под отворено небо, но има услови за тенис и кога има невреме заради подвижниот покрив.
– Јас сум емотивно врзан и за Шангај и за овој турнир. Играв на премиерата во арената „Ки Жонг“, а теренот и комплексот се меѓу најубавите на светот. Тенисерите уживаат овде – вели Роџер Федерер, кој играше на турнирот во 2005 година кога беше пуштен во употреба прекрасниот тениски објект во Шангај.
Најуспешни учесници на турнирот: Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј со по 2 титули.
3
Акапулко (Мексико)

Во февруари тенискиот крем има сигурна дестинација по настапот во Дубаи. Патот води кон Мексико и прекрасниот Акапулко. Таму на брегот на Пацификот се игра машкиот турнир од серијата 500 на комплексот „Феирмонт Акапулко принсес“.
Речиси две децении тениските асови играа на терени со земјена површина, а годинава првпат се играше на тврда подлога. Од црвено во сино, трансформација слична и на самиот град Акапулко. Прекрасните плажи си останаа, но малку се измени холивудскиот стил на живот. Холивудските ѕвезди од рангот на Џони Вајсмилер и Џон Вејн во 50-тите години од минатиот век си имаа свои хотели, како мамка за милионерите од Јужна и од Северна Америка.
Инфраструктурата сега е поинаква, но Акапулко остана фантастична туристичка дестинација. Со турнирот ги привлекува и симпатизерите на спортот, а во 2007 година „Абиерто Мексикано Телсел“ ја доби наградата за најдоброорганизиран турнир.
– Акапулко е привлечен, магичен, забавен и незаборавен дел од тениската сезона. Тука можете да одморите, да се забавувате и да играте и следите добар тенис. Ми се допаѓа начинот на живот, фактот што во секоја доба од ноќта ќе ви донесат вкусна храна, ќе ви подготват одличен коктел – изјави Агустин Калјери, шампионот од 2003 година.
Најуспешни учесници на турнирот: Томас Мустер со 4 трофеи и Давид Ферер со 3 пехари.
4
Умаг (Хрватска)

Почетоците во Умаг во 1990 година беа скромни, со интересно име на турнирот Отворено првенство на Југославија. Тогаш се одигра првиот од вкупно 24 тениски собири на познатите асови на тениската игра во хрватското одморалиште.
Умаг е особено значаен и за регионот во кој припаѓа и Македонија поради фактот што овој дел од Европа има многу малку значајни тениски турнири. Токму во Умаг свое деби на турнирите на АТП имаше нашиот најдоброрангиран тенисер Предраг Русевски. Во 2007 година, Пецко загуби од Виктор Троицки, а победа ќе значеше дуел со Новак Ѓоковиќ.
Годинава Умаг ќе слави 25 години тениски турнир на календарот на АТП, а организаторите успеаја да ги задржат специфичните обележја што го прават посебна и мошне посакувана дестинација во јули за тениските фанови.
Тенискиот стадион на самиот брег на Јадранско Море, вкусната храна, ноќниот живот, гостопримливиот народ во Истра и богатиот спортски дух на луѓето од овие простори го прават турнирот во Умаг посебен. Билети за да следите дел од најдобрите тенисери тешко се наоѓаат и цела година однапред, а повеќе од 80 илјади туристи доаѓаат за да ги следат атрактивните потези на тениските ѕвезди во Умаг.
Комплексот „Стела Марис“, кој е покриен со земјена подлога, и годинава ќе биде претесен за да ги прими сите заинтересирани за следење врвен тенис.
– Умаг е мојата слаба точка, место каде што постигнав нешто што никогаш нема да го заборавам. Пет титули, што ќе ги паметам засекогаш, како и гостопримството, забавите и добрите луѓе во Умаг – вели Карлос Моја, живата икона на тенискиот турнир во Умаг.
Најуспешни учесници на турнирот: Карлос Моја 5 пати шампиони, Томас Мустер 3 титули.
5
Индијан Велс (САД)

Малку поинаков амбиент во дел од калифорниската пустина ги дочекува тениските асови во Индијан Велс. На границата меѓу Калифорнија и Мексико, Американците направија прекрасен зелен комплекс за тенис, со вториот најголем тениски стадион на светот кој има капацитет од 16 илјади гледачи.
Турнирот во Индијан Велс е прв во серијата мастерс 1000 во сезоната, а го нарекуваат и петтиот гранслем. Ги има сите контури да им конкурира на Мелбурн, Париз, Лондон и на Њујорк, домаќините на ОП на Австралија, Ролан Гарос, Вимблдон и на ОП на САД. Се игра две седмици, има голем стадион, сите тениски ѕвезди играат таму, а и интересот и посетата се импресивни. Турнирот е во тек, а лани беа продадени повеќе од 300 илјади влезници.
Зеленило во пустина, тенис на стадион со фудбалски димензии, две недели врвни мајстории на најпознатите асови и дами, прекрасно време, одлична понуда за дополнителни спортски активности е само мал спектар од понудата што го прави Индијан Велс тениска дестинација што не се пропушта.
– Не сум преголем фан на голфот, спорт што е најзастапен овде заедно со тенисот, но брзо го засакав ова место. Има некаков посебен мир и шарм, што привлекува и ме тера постојано да се враќам во Индијан Велс – вели Федерер.
Најуспешни учесници на турнирот: Роџер Федерер 4 трофеи, Линѕи Девенпорт 2 титули и шест финалиња.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


