| четврток, 6 декември 2018 |

Македонките се верни – Македонците се мирни

Можеме да работиме биолошки траги од гума за џвакање, влошки, влакна и слично, но ние не го работиме тоа затоа што, пред сѐ, мора да се потврди идентитет на лицето, чијшто биолошки материјал го испитуваме. Исто така, имаме барања од свекрви и од свекри да се утврди татковство на нивниот внук или внука без да знае родителот, но таквите ги одбиваме – објаснува д-р Јаќовски

Млад, 27-годишен Македонец од мал град од Македонија, во кафеана со пријателите го прославува раѓањето на својот прв син. Многу музика, уште повеќе алкохол. Во еден момент еден од пријателите поставува брилијантно прашање: Другар, славиш, пиеш, честиш, а од каде си сигурен дека е твое?! Поднапиениот татко се вознемирува, ги зема клучевите од автомобилот и пијан вози кон болница. Застанува под прозорците од породилното одделение и вика „Излези к…, чие е детето?! Вика колку што го држи глас. На прозорецот излегуваат сите жени, да видат чиј маж се дере… Сопругата, посрамена од гестот на својот сопруг и од неговата недоверба, следниот ден бара да се направи ДНК-анализа за да се утврди татковство. Откакo му докажува на својот сопруг дека тој е татко на детето, поднесува и барање за развод… Ова е само една од причините поради која некој побарал утврдување родителство.

Неодамна Заводот за судска медицина во Бања Лука излезе со податок дека секој трет маж не е татко на своето дете. Тие нагласија дека во последните три години, откако почнал со работа, биле поднесени стотина барања за утврдување татковство и речиси во секој трет случај на анализиран примерок било констатирано дека не се работи за биолошки татко на детето. Но, тоа не е случај во Македонија. Резултатите од ДНК-испитувањата велат дека Македонките, сепак, се верни. Многу е мал бројот на тие испитувања во кои се покажало дека таткото, всушност, не е биолошки татко на детето, кое мислел дека е негово. Во еден случај една жена дошла со двајца мажи, резултатите покажале дека детето е на пријателот, не на сопругот. Сепак, ваквите случаи се ретки.

Испитувањата се спроведуваат на Институтот за судска медицина и во лабораторијата во МАНУ. Доцент д-р Златко Јаќовски, специјалист по судска медицина, вели дека на Институтот се прават вештачења за татковство по барање на граѓански суд и по барање на странките, односно приватно. Не е дозволено татко, кој се сомнева дека е прелажан од сопствената сопруга, сам да провери дали тој е татко на детето.

– Странките што сакаат приватно да направат вештачење за татковство, пополнуваат молба. На Институтот за судска медицина вакви вештачења се работат само во присуство на двајцата родители, односно со заемна согласност на родителите. Се зема материјал од мајката, таткото и од детето во исто време заради отвореност при водењето на постапката. Нормално, секој родител мора да знае каде е неговото дете и за што се зема биолошки материјал. Исклучок е само кога едниот родител е починат или се работи за полнолетни деца – вели д-р Јаќовски.

Во текот на една година на Институтот за судска медицина се прават од 20 до 30 вакви анализи и многу ретко се случува да се утврди дека претпоставениот родител не е родител на детето. Иако често доаѓаат загрижени свекрви, кои сметаат дека внучето не е дете на нивниот син, но Институтот не дозволува тие, без знаење на родителите, да испитаат дали снаата била неверна.

 

Свекрви доаѓаат, но Институтот ги враќа

– Нормално дека можеме да работиме биолошки траги од гума за џвакање, влошки, влакна и слично, но ние не го работиме тоа поради тоа што, пред сѐ, мора да се потврди идентитет на лицето, чијшто биолошки материјал го испитуваме и да се добие согласност од двајцата родители. Исто така, имаме барања од свекрви и од свекори да се утврди татковство на нивниот внук или внука, без да знае родителот, но таквите ги одбиваме – објаснува д-р Јаќовски, кој нагласува дека, главно, се работат приватни вештачења, а судските вештачења се поретки.

Често во лабораторијата доаѓаат и полнолетни лица, кои сакаат да испитаат дали родителите им се биолошки родители, најчесто поради сомнеж дека се посвоени, а родителите не им кажале. Доктор Јаќовски вели дека во најголем број од тие случаи се покажало дека, сепак, се работи за нивни биолошки родители. Се случува да се појават брат и сестра за да се утврди дали, навистина, се крвно поврзани.

– Може да се работи вештачење на идентитет на лице преку роднини, го правиме тоа, особено во случаи на идентификација на непознати тела или идентификација на биолошки траги со непознат идентитет. Во тој случај, преку анализа на ипсилон-хромозом може да се изврши идентификација на лице по машка линија, а со митохондријална ДНК анализа може да се изврши идентификација на лица по женска линија. Нашиот софтвер може да врши калкулации за идентификација на лица врз основа на роднинско поврзување – коментира докторот.

 

Zivot80-DNA-2

Со 500 евра решена дилема

Институтот за судска медицина работи за цела Македонија, но и за Косово, како и за Јужна Србија. Ова е единствена форензична независна лабораторија. Утврдување на татковството се врши и во МАНУ, но таа лабораторија се занимава со медицинска генетика.

Се зема крв и примерок од уста и резултатите се добиваат за два-три дена. Цената на испитувањето изнесува 31.000 денари, што, можеби, е и причината поради која е мал бројот на вакви тестови. Тоа е многу повеќе од просечна македонска плата. Сепак, оваа цена е сосема оправдана, со оглед на тоа дека се работи за современа методологија.

– Ова е единствена лиценцирана форензична ДНК-лабораторија во Македонија. Нашите потврди се единствените што важат во македонските судови, но и во кој било суд надвор од земјава. Работиме огромна палета локуси и делови од ДНК-молекулот за да добиеме што поголема статистичка веројатност. Статистичката веројатност треба да изнесува најмалку 99,99 проценти. Имаме акредитирана лабораторија, акредитиран софтвер за форензична анализа на ДНК. Секоја година се плаќа надградба и одржување на системот. Цената на тестот ја диктираат пазарните услови бидејќи хемикалиите што се купуваат се главно скапи. Чини одржувањето на лабораторијата и одржувањето на софтверот. Лаборатории што не се занимаваат со оваа проблематика одат со дампинг-цени затоа што сите овие работи им се небитни, не им е важно дали се акредитирани, дали имаат акредитиран софтвер или статистичкиот резултат го пресметуваат рачно. Ние се држиме до светските стандарди, поради што нашите резултати се признаени во светот – додава д-р Јаќовски.

 

(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top