Испитувањата на јавното мнение само ги потврдуваат стравовите на СДСМ дека на овие избори ги чека нов пораз, а со тоа и нови внатрепартиски пресметки. Откако партиската програма, која никогаш не се појави во целост, не го даде очекуваниот ефект, сега се надеваат дека кандидатот за претседател Стево Пендаровски ќе ја заврши работата за целата партија.
Но, сите анализи покажуваат дека без оглед на тоа кој е кандидат на партијата, со ваков багаж, на граница на чудо е за толку краток временски период да се смени перцепцијата на електоратот за партијата.
– Пендаровски може да го промени имиџот на СДСМ со својот интегритет, ставови и со својата презентација на способности за управување држава, но нема да успее да направи драстична промени во однос на зголемување на бројот на гласачи за СДСМ – вели аналитичарот Жидас Даскаловски.
Особено што во овој период излегуваат на виделина нови афери што се поврзуваат со раководството, во кое, пак, не се препознаваат потенцијални симпатизери или членови на оваа партија. Истовремено се внесува и немир и револт во партијата, што, пак, се одразува на мотивацијата на тие што треба да трчаат зад партијата и зад кампањата.
– Иако е факт дека додека е ВМРО-ДПМНЕ е на власт, СДСМ има некој резервоар гласови на тие што се незадоволни, кои би завршиле на нивна сметка, но начинот на кој се води кадровската политика во партијата, како и начинот на кој ја водат политиката кога се наоѓаат во позиција на моќ, ги одбива потенцијалните идни членови и активисти – додава аналитичарот Ивица Боцевски.
Дека постојат несогласувања и со новото раководство покажува и тоа што не дојдоа сите кандидати за безрезервно да го поддржат изборот за кандидат на тоа раководство. А тоа не е поврзано со името на кандидатот, туку со партиските структури. Затоа е легитимно да се размислува што ќе се случи ако Пендаровски постигне некој значителен резултат и дали тоа ќе му овозможи да добие некоја поголема улога во СДСМ?
Заев во сенка, номинацијата „граѓанска војна“
И по цели седум години во опозиција СДСМ не се снајде во таа улога. Новото раководство не воспостави цврсти реформи за стабилизирање на партијата и место отвореност кон јавноста, се затвори зад три лика, ако се изостави гласноговорникот. Така, гласачите немаат јасна претстава кој би седел во идната власт, кому да му ја дадат довербата. Партијата има совети за определени прашања, кои ги раководат партиски волци како Илинка Митрева, Мирослав Грчев, Маргарита Николовска – Цаца, па и Лидија Димова, Сафет Бишевац, Ленче Николовска, но како да се држат подалеку од очите на јавноста.
Концептот на таканаречена влада во сенка не профункционира во СДСМ, иако е практика во поголемиот дел западни демократии. Но, причината за тоа не лежи само во недостигот од кадри – што се покажа при барањето кандидат за претседателските избори – туку и во тоа што таквиот избор ќе отвори „граѓанска војна“ во партијата.
Таквиот концепт дополнително ќе ја разниша позицијата на Зоран Заев, кој никако не може да излезе од сенката на Црвенковски, па и од сенката на Шекеринска. Тука балансира и прави компромиси меѓу силите во партијата. И во такви услови тој не добива можност да ја покаже автентичност, а не, пак, да промовира свој владин тим, смета аналитичарот Ивица Боцевски.
– Очигледно, Заев има некоја автентичност за да биде реизбран за градоначалник на Струмица дури и во услови кога ВМРО-ДПМНЕ е неприкосновена на територијата на Република Македонија. Но таа автентичност никако да дојде до израз во СДСМ. Истовремено, сака да прави компромис и со крилото на Бранко Црвенковски и со скопското снобистичко крило околу Радмила Шекеринска. И во тој процеп Заев се губи како лик, а со тоа и тимот што би го промовирал. Позиционирањето во партијата му одзема многу енергија и тоа оневозможува да видиме каква било промена – оценува Боцевски.
СДСМ со туѓ кадар на избори
Токму ваквата поставеност во партијата го иницира прашањето дали Пендаровски, по прифаќањето на улогата кандидат за претседател на СДСМ, ќе предизвика нови потреси. Тој и при партиската номинација беше најавен како иден „државник“, а со високо подигнатата тупаница како да сакаше да потсети на Бранко Црвенковски. Тука, секако, голема улога ќе играат струите што и при изборот за смена на Црвенковски, повторно го номинираа Црвенковски, место да застанат зад Заев или зад друго име. Незадоволните струи при изборен пораз, секако, ќе бараат смена на раководството. Меѓу нив, секако, и пратениците на кои им заврши пратеничкиот мандат, а подолго време настапуваат со голем антагонизам кон раководството. Тие предизвици стојат пред Заев по изборите. Секако, и предизвикот да излезе од сенките при евентуален поволен резултат.
– Ако поразот е убедлив, тогаш ќе биде голема веројатноста за притисок за смена. Но доколку е поднослив или, ете да се победи, раководството ќе остане, но прашање е дали Зоран Заев ќе остане во сенка на Радмила Шекеринска – предвидува Даскаловски.
– Спојот меѓу Шекеринска и Заев е еден вид примирје, кое ќе функционира до првиот свијок. Партијата ја чека интересен период по изборите, каков и да е резултатот – се надоврзува Боцевски, кој, пак, додава дека зад заткулисните игри за преуредување на политичките сили по изборите го гледа Црвенковски, за кој вели дека нема храброст да создаде свое политичко движење.
Во секој случај, пред Пендаровски и СДСМ е период во кој изборите имаат само улога на иницијална каписла. Период во кој СДСМ ќе мора да расчисти со лидери што зад себе имаат порази, па било тоа да е и Бранко Црвенковски. Пендаровски, секако, е свесен дека прифаќањето на оваа улога може потоа да му го натовари целиот партиски неуспех на врат, а со тоа и да си ја уништи натамошната кариера во партијата. Доколку, пак, успее да преброи повеќе ливчиња од тие што ќе ги добијат Заев и Шекеринска заедно, тогаш е голема веројатноста да се најде во ситуација да се бори и со нив, но и со тие сили што сега му дишат во врат на Заев.
Секако, тука е и еден од најголемите ризици со кои се соочуваат „дојденците“ во СДСМ, посочува Боцевски.
– Пендаровски потекнува од Социјалдемократската партија на Славко Милосавлевски и на Томислав Чокревски, а знаеме дека најисклучителна партија, која не трпи луѓе што доаѓаат од други опции, е СДСМ. Тие или немаат друг избор или го превиделе овој факт. Па ќе видиме дали сега ќе покажат ширина да прифат човек со поинаков политички багаж – заклучува Боцевски.
Останува нејасно дали во СДСМ не знаеле, направиле превид или, пак, тоа е само дел од тактиката за поразот да се обвини „некој од надвор“.
(Пишува: Наум Стоилковски | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.