Кремот на европскиот фудбал остана во игра за највредната клупска титула, а привилегирани екипи во ждрепката за четврт-финалето ќе нема. Утре на извлекувањето на двојките во Нион од 12 часот сите се рамноправни и може да игра секој против секого. Нема носители, а од оваа фаза може да играат и клубовите што беа во иста група, што доаѓаат од иста земја…
Баерн останува прв фаворит, бареме според коефициентите што ги нудат обложувалниците, а Баварците ќе се обидат да го надминат „проклетството“ и да стана прва екипа што ја одбранила титулата во Лигата на шампионите.
Постои можност за реприза на ланското германско финале од „Вембли“ бидејќи и Борусија Дортмунд остана во игра за трофејот. И тие имаат адути, играат брзо, ефикасно, убаво за око, а ќе имаат значајна поддршка од веќе легендарниот „жолт ѕид“ што го прават фантастичните навивачи на „Сигнал идуна парк“.
И трилингот шпански екипи Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид се меѓу сериозните кандидати за титулата во луксузното европско натпреварување. Тие бијат битка на два фронта и во ЛШ и во домашниот шампионат, а секако дека си имаат свои сметки и големи шанси да се искачат на европскиот трон. Реал годинава под команда на Анчелоти игра извонредно. Одбраната од најслаба алка се претвори во бедем, средниот ред е меѓу најдобрите на планетата, а нападот е посебна приказна.
Импресивниот Кристијано Роналдо ја предводи кралската фурија, а разиграно делуваат и Герет Бејл, Карим Бензема и Анхел ди Марија. По подолг период Реал има конкурентна екипа кадарна за триумф во Лигата на шампионите. Веројатно најпосакувано четврт-финале би било меѓу нив и Барселона, вистинско европско дерби. Барселона го задржа препознатливиот стил на игра со кратки додавања, а сезонава е засилена со бразилскиот ас Нејмар. Искусните и големи мајстори на фудбалската игра Меси, Иниеста, Чави, Фабрегас, Алвеш се во погон, па Барса е меѓу главните фаворити за трофејот.
Пријатно изненадување е Атлетико Мадрид под команда на Диего Симеоне. Тој направи одличен спој на искусни и млади фудбалери, а опасниот стрелец Диего Коста е главен адут на „јорганџиите“ во европскиот поход.
Англија ќе ја преставуваа силниот Челси со дузина врвни играчи и моќниот Манчестер јунајтед, иако сезонава не е на нивото од ерата на сер Алекс Фергусон. „Црвените ѓаволи“ имаат огромно реноме во светот на клупскиот фудбал и секогаш се екипа за избегнување. Во Челси се врати Жозе Мурињо, а со таков стратег реално е да се очекува атак на европската круна.
Шпанско-германско-англискиот блок ќе се обиде да го разбие богатиот Пари Сен Жермен од Франција. Златан Ибрахимовиќ е во страшна форма, заедно со Кавани го сочинуваат веројатно и најдобриот тандем напаѓачи на стариот континент, а „светците“ од Париз имаат одлична екипа, што лесно ги минуваше пречките до четврт-финалето.
Еве ги сите екипи што останаа во игра за титулата европски првак:
Баерн Минхен
Борусија Дортмунд
Реал Мадрид
Барселона
Атлетико Мадрид
Челси
Манчестер јунајтед
ПСЖ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


