| четврток, 6 декември 2018 |

Ирак подготвува закон со кој се предвидува брак и за осумгодишни деца

strasno-nevesti-02

Новите мерки, кои  се на чекор до усвојување, прерано би ги втурнале шиитските девојчиња во светот на возрасните.

Според важечкиот закон во Ирак, долната граница за стапување во брак е 18 години, но новите мерки не ја дефинираат оваа граница. Сепак, во делот за развод стои наведено дека девојчето мора да има најмалку осум години. Право да донесе ваква одлука, односно дали неговата ќерка ќе се мажи или не, во целост му припаѓа на таткото, а мајката е исклучена од ваквата одлука.
– Овој закон претставува злосторство против човештвото. Омажените малолетни девојчиња често се изложени на психички и физички злоупотреби – предупредила Хана Адвар, активистка за човекови права.

Дури 25 проценти од браковите во Ирак во 2011 година биле склопени со малолетни девојчиња, покажуваат податоците на тамошната влада.

Контроверзниот закон, заснован на принципите на шиитската школа за религиско право, предвидува забрана за жените да ја напуштаат куќата без дозвола на мажот. Тие, исто така, имаат обврска да се согласат на сите барања на своите мажи за секс.

Правото на мајката за старателство над децата по развод би било во голема мера ограничено, додека на мажите би им била олеснета можноста да склопуваат повеќе бракови истовремено.
Предлог-законот на 25 февруари беше прифатен во владиниот кабинет во кој доминираат мнозинските шиити, но парламентот сè уште не го ратификувал. Во Багдад на осми март беше одржан протест на кој жените излегоа под мотото „На овој ден, жените во Ирак тагуваат!”.
Проблемот со малолетните невести е присутен и во други земји. Вакви судбини доживуваат околу 14 милиони девојчиња годишно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top