| четврток, 6 декември 2018 |

Алкохол не е причината за несреќата во која загина Петар Милошевски

petar kola

Алкохолот не е причина за несреќата во која загина Петар Милошевски, пишува Утрински весник. Досегашниот тек на истрагата потврдил дека ниту претседателот на ФФМ Илчо Георгиевски, кој го управувал службеното возило, ниту возачот на џипот не биле под дејство на алкохол кога се случила сообраќајната несреќа кај Куманово. Обвинителството во Куманово ги очекува видеоснимките од безбедносните камери кои ја покриваат делницата од патот Крива Паланка-Куманово, но и снимките од камерите што се инсталирани на околните стопански објекти. Во тек се и детални прегледи и вештачења на возилата, за да се утврдат причините поради кои дошло до судирот на двете возила.

Истрагата за причините поради кои се случи тешката сообраќајна несреќа во која загина поранешниот голман на македонската фудбалска репрезентација, Петар Милошевски, ја води кумановското обвинителство. Јавниот обвинител Сузана Кусиѓарска вели дека случајот има итен третман и дека му се приоѓа внимателно.

„На случајот во кој загина едно лице, а три други се здобија со тешки повреди се работи како да е со степен на итност. Ние сме свесни дека јавноста од нас очекува брза и ефикасна истрага“, вели Сузана Кусиѓарска, jавна обвинителка која учествуваше во увидот по саботната несреќа во која загина директорот на Фудбалската федерација на Македонија.

Обвинителката појаснува дека на тој дел од патот Крива Паланка-Куманово брзината на движење за сите моторни возила е 60 километри на час, но таа сѐ уште не располага со прецизни бројки кои се однесуваат на брзината на движење на службеното возило „пежо 508“, сопственост на ФФМ, а управувано од сегашниот претседател Илчо Ѓорѓиоски, како и возилото „УАЗ“ кое го управувал 62-годишниот Ж.Б., од селото Малотина.

Од досегашниот тек на истрагата може да се заклучи дека никој од директните актери во несреќата немал консумирано алкохол. Анализите покажале дека Ѓорѓиоски не консумирал алкохол, а возачот на џипот имал 0,42 промили алкохол во крвта, односно нешто под дозволената граница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top