| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа Милевска: Голем број инвестиции во културата изминативе години

kanceska_g_0Во рамки на одбележувањето на јубилеот 145 години од раѓањето и 85 години од смртта на Васил Главинов, ние како Министерство за култура информиравме дека ќе се откупи вториот дел од куќата на Васил Главинов, се со цел тој музеј да се стави во една туристичка промоција.
Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по повод денешната манифестација која се одржа во Велес, за време на нејзиното гостување во вестите на Канал 5 телевизија,

Таа за време на гостувањето се осврна и на посетеноста на новиот Македонски народен театар.

-Театарот успешно функционира, до сега од првата премиера која се одржа на 7 декември се изиграни над 40 претстави и посетеноста е огромна. Според бројките што ги добивме од самата институција, негде над 23.000 посетители имаат дојдено да ги погледнат овие претстави, рече Канческа Милевска.

Таа додаде дека веќе се работи и на четвртата премиера од страна на режисерот Славенски, и го најави доаѓањето на странскиот режисер Жолтак во МНТ.

-Театарот има најсовремена сценска технологија, аудио-видео опрема, осветлување, технологија на самата сцена, тоа можевме да го видиме и при самата премиера, значи одлична можност за нашите уметници, покрај условите за работа, да имаат можност да режираат на една таква светска сцена, да работат ко-продукции со други тетатри, тоа можеме сега да го видиме и во јуни кога ќе биде отворен првиот меѓународен театарски фестивал од страна на МНТ, каде што ќе видиме голем број на театарски претстави и од од регионот и од светот, посочи Канческа Милевска.

Голем број инвестиции, како што нагласи таа, се направени во делот на културата изминативе години.

-За прв пат владата вложува огромни инвестиции во делот на културата, од осамостојувањето на Република Македонија мислам дека не постоеле вакви инвестиции во делот на културата, ние продолжуваме понатаму, во првиот дел од годината очекуваме да се отвори театарот во Велес, следува потоа археолошкиот музеј, како покрупни инвестиции, а продолжуваме и со изградбата на концертната сала за за Македонската филхармонија, веќе се избрани две фирми кои што ќе го довршат проектот, така да негде до крајот на 2015 година се очекува целосно да се заврши концертната сала, истакна министерката за култура.

Таа најави инвестиции од делот на културата и во Домот на културата во Валандово, Домот на култура во Кисела Вода, во Делчево, Прилеп и во многу други места.

Целото гостување на министерката за култура Канческа Милевска во вестите на Канал 5, може да го погледнете во видеото во продолжение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top